Во Хрватска, фудбалските навивачки групи често евоцираат сеќавања на војната во 1990-те години, користејќи говор на омраза кон Србите или покажувајќи симпатии кон усташкото движење. Во последните децении, навивачките групи во Србија исто така честопати беа користени за промовирање на национализмот и за ширење политичка пропаганда, пишува меѓудругото, пишува Балкан инсајт
На почетокот на овој месец, во Хрватска започнаа повторно да се играат фудбалските натпревари и на самиот почеток се случи инцидент, кој покажа дека грдата страна на оваа „убава игра“ ја преживеала пандемијата на коронавирусот. На социјалните мрежи се прошири фотографија, на која се гледа како група навивачи на загрепски Динамо, држат факли и транспарент со многу недолични пораки за српски жени и деца. На транспарентот беше исцртан и симбол на фашистичкото усташко движење. Полицијата во Загреб за медиумите соопшти дека спроведува кривична истрага против шест лица, осомничени за „јавно поттикнување насилство и омраза“, пишува порталот „Балканска преодна правда“, пишува Балкан инсајт.
Во Хрватска, фудбалските навивачки групи често евоцираат сеќавања на војната во 1990-те години, користејќи говор на омраза кон Србите или покажувајќи симпатии кон усташкото движење. Српскиот народен совет, кој го претставува српското малцинство во Хрватска, во билтенот „Историски ревизионизам, говор на омраза и насилство врз Србите во 2019 година“, вели дека имало 16 случаи на говор на омраза и етничка нетрпеливост на спортските настани во 2019, 12 во 2018 и 14 во 2017 година.
Говорот на омраза на трибините има длабоки политички корени на Балканот. Подемот на национализмот во последните години на поранешна Југославија се огледаше на фудбалските стадиони низ целата поранешна држава, бидејќи стадионите станаа арена за промоција на идеите на политичарите и на националистичките групи.
Јурај Врдољак, колумнист на порталот „Телеграм“ од Хрватска, за БИРН вели дека говорот на омраза е „за жал, честа појава на фудбалските натпревари и најчесто е насочен кон разни видови малцинства“, претежно кон Србите, но понекогаш и против бегалците или новинарите.
Најилустративен пример за ова, според Врдољак, е случајот со навивачите на Хајдук, кои ги величале усташките убијци во февруари лани, на мечот против Горица, на стадионот „Пољуд“ во Сплит. Хајдук остро го осуди инцидентот, а дисциплинската комисија на Хрватскиот фудбалски сојуз одлучи да ја затвори северната трибина на стадионот Пољуд, а клубот парично го казни.
Хрватскиот фудбал има историја на инциденти поврзани со нацизмот. Хрватските фудбалски навивачи го скандираа усташкиот поздрав „За дом спремни“, на фудбалскиот меч Хрватска – Израел во март 2016 година, што испровоцира реакција на Ефраим Зуроф од центарот „Симон Визентал“. Тој ја критикуваше хрватската влада, оти несоодветно ги осудила фашистичките скандирања, што е, како што рече Зуроф, „показател за толеранцијата кон ваквото ужасно, навредливо и јасно антисемитско однесување“.
Истиот усташки поздрав навивачите го извикуваа и на „Максимир“ во Загреб, на натпреварот Хрватска – Норвешка, во март 2015 година. Како епилог УЕФА ѝ нареди на Хрватска следниот натпревар дома да го игра пред празни трибини, а репрезентацијата ја казни со 50.000 евра.
Во последните децении, навивачките групи во Србија исто така честопати беа користени за промовирање на национализмот и за ширење политичка пропаганда.
– Имате насекаде навивачи, но не сум видел никаде, освен во Хрватска, дека навивачите имаат политичко значење како во Србија – вели српскиот антрополог, Иван Ѓорѓевиќ, автор на книгата „Антрополог меѓу навивачите“.
Тој ги опишува српските навивачи како „група за притисок, паравоена формација, која врши одредени задачи кога е тоа потребно (на политичарите)“.
Некои беа регрутирани да се борат за време на конфликтот во 1990-тите, од паравоениот шеф, Жељко Ражнатовиќ-Аркан, кој во еден момент ја предводеше и навивачката група на Црвена звезда, „Делије“.
Во извештајот на Европската комисија против расизмот и нетолеранцијата од 2017 година, се предупредува дека „постојат силни врски меѓу насилните групи на фудбалските навивачи и екстремно десничарските организации, кои, пак, имаат врски со националистичките политичари и организираниот криминал“.
Инцидент што привлече големо меѓународно внимание беше тепачката на теренот и прекинот на квалификацискиот натпревар за Европското првенство (ЕП) меѓу Србија и Албанија во Белград, во октомври 2014 година кога над стадионот се појави дрон со знамето на „голема Албанија“, пишува порталот „Балканска преодна правда“, пишува Балкан инсајт. С.Р.