Во новото натпреварување би требало да бидат вклучени осум тима од Европа, шест од Јужна Америка, по три од Африка, Азија и од Северна Америка и една од Океанија
Светската фудбалска федерација (ФИФА) го одобри проширувањето на клупското Светско првенство (СП) на 24 тима, почнувајќи од 2021 година, и покрај тоа што повеќе европски клубови најавиле дека ќе го бојкотираат турнирот. Во новото натпреварување би требало да бидат вклучени осум екипи од Европа, шест од Јужна Америка, по три од Африка, Азија и од Северна Америка и една од Океанија. Ревидираното клупско СП би се одржувало секои четири години, во терминот во кој досега се одржуваше Купот на конфедерациите, една година пред светските првенства за репрезентации.
Се претпоставува дека секој клуб ќе може да заработи 50 милиони фунти за учеството, јавија британски медиуми. Претседателот на ФИФА, Џани Инфантино, изјави дека е исклучително среќен откако Советот во ФИФА го поддржа тој план на состанокот во Мајами, САД.
– Сега светот ќе го види вистинското клупско СП, навивачите ќе можат да ги видат најдобрите тимови во светот, кои се натпреваруваат за вистински светски шампион. Се надеваме дека ќе учествуваат сите најдобри екипи, имавме многу позитивни разговори со УЕФА. Но наша одговорност беше да донесеме одлука, бидејќи мораме да се справиме со организациските прашања, ни остануваат само две години дотогаш – изјави Инфантино, додавајќи оти не е загрижен дека на новото клупско СП ќе ги нема европските елитни клубови.
Клупското СП моментно се одржува во декември секоја година и на него играат шест континентални прваци и тим на домаќинот. Европската асоцијација на клубови (ЕКА) соопшти дека сите нови натпреварувања треба да бидат дел од договорената рамка за интернационални натпреварувања по 2024 година. Во меѓувреме, некои медиуми јавија дека од Баерн не се против новото клупско СП.