Тимовите играат помирно. Имаше помалку шанси, се преземаа помалку ризици што е изненадувачки, затоа што би помислиле дека под притисок на навивачите на трибините играчите се склони да играат повнимателно, вели Омар Чаудури, главен спортски консултант во „21 клуб“, кој ги анализирал првите 28 натпревари зад затворени врати

ПО ПРВИТЕ МЕЧЕВИ ОД ПРОДОЛЖЕНИЕТО НА СЕЗОНАТА ВО АНГЛИЈА

Помалку голови, помалку удари на гол, помалку ремија, како и преземање помалку ризици на теренот, се изненадувачките заклучоци по продолжувањето на сезоната во англиската фудбалска Премиер-лига, што ги објави „Телеграф“. Првенството три месеци беше прекинато поради пандемијата на коронавирусот, а продолжи пред неколку недели.
– Тимовите играат помирно. Имаше помалку шанси, се преземаа помалку ризици што е изненадувачки, затоа што би помислиле дека под притисок на навивачите на трибините играчите се склони да играат повнимателно. Но всушност сега играчите беа помалку подготвени за преземање ризици – вели Омар Чаудури, главен спортски консултант во „21 клуб“, кој ги анализирал првите 28 натпревари зад затворени врати.
На 92 натпревари за докомплетирање на Премиер-лигата ќе се обезбеди фасцинантен и уникатен експеримент за психологијата на врвниот фудбал, пишува „Телеграф“. Спортскиот психотерапевт Гери Блум, кој има голем број клиенти низ фудбалот, вели дека недостигот од преземање ризик е поради она што во неговата професија се нарекува „необична состојба“.

– Кога се соочуваме со „необична состојба“ имаме тенденција да бидеме повнимателни. Ако, на пример, ве стават во соба со непознати, тогаш како ќе се чувствувате? Beројатно ќе бидете повнимателни, можеби нема да се шегувате. Ако ве стават во просторија со група пријатели или семејство, тогаш ќе бидете поотворени, посамоуверени. Значи, она што се бара од играчите во моментот е „необична состојба“ и тоа ги прави повнимателни. Замислете дека играте за тим од средината на табелата. Не испаѓате, нема да играте во Европа и немате публика. Имате шанса да постигнете гол и можете да помислите „дали сакам да направам будала од себе, или да играм сигурно?“ – вели Блум.
Податоците покажуваат дека има повеќе прекршоци, но и помалку картони, што може да се однесува на недоволниот интензитет и на помалиот притисок врз судиите. Исто така, има повеќе голови во завршницата од мечевите што сугерира дека се игра побавно од почетокот, поседот на топката е порамномерно распределен, а менаџерите не ги користат замените најрационално.

Рестартирањето го насочи фокусот и врз менаџерите.
– Играчите се во чудна ситуација, тоа, пак, бара нивно вистинско менаџирање и искористување на нивниот максимум, што е во домен на главните тренери. Тие повеќе се во центарот на вниманието, може да се чуе што велат и се многу повидливи, не можат да се скријат во вревата на толпата – вели Чаудури.


Се намали предноста од играње на домашен терен

Омар Чаудури, главен спортски консултант во „21 клуб“, кој ги анализирал првите 28 натпревари по продолжението на сезоната во Англија, вели дека празните стадиони им даваат еднакви шанси на двата тима, но и покрај тоа предноста на домашниот терен опстојува. Можеби бидејќи повеќето тимови тренираат на својот стадион?
– Тоа е веројатно најпотценетата предност што постои. Како домашен тим, во просек имате 45 отсто шанси за победа и 25 отсто шанса за пораз и никој навистина не знае зашто е така. Веројатно станува збор за комбинација на неколку работи, од публиката што ги мотивира домашните играчи, до своевиден притисок врз судијата, комоцијата во соблекувалната, целата атмосфера на стадионот – вели тој.