Барези освои шест титули во Серија А, три европски и два Интерконтинентални купа со Милан, чиј капитен беше во поголемиот дел од кариерата. Тој беше дел од двата најдобри тима во клупската историја, „бесмртниот“ под водство на Саки и „непобедливиот“ под водство на Капело

ФРАНКО БАРЕЗИ

Поранешниот капитен на Милан и на италијанската фудбалска репрезентација, Франко Барези (61), сега почесен потпретседател, во интервјуто за весникот „Гардијан“ говори за надежите за освојување на „скудетото“ сезонава, за животот под Ариго Саки и Фабио Капело и зошто не жали за Светското првенство (СП) во 1994 година. Само седуммина фудбалери одиграле повеќе градски дерби-средби во Милано од Барези, кој синоќа го следеше мечот меѓу ривалите. Растејќи на периферијата на малиот северен град, Траваљато, во 1960-тите, тој до 10-та година не гледал фудбал на телевизија. Првиот натпревар што го гледал е полуфиналето на СП 1970, Италија – Германија (4-3), што подоцна стана познат како меч на векот. Италија загуби во финалето од Бразил (1-4), вториот меч што го гледал Барези. Тој бил фасциниран од фудбалот, го играл бескрајно со своите браќа и сестри, но на средбата со Германија првпат ги видел ѕвездите за чии подвизи слушал секоја недела на радио.
– За мене тие беа марсовци. Рива, Ривера, Мацола, Бонинсења… Слушав за нив како играат и имав замислено каква емоција мора да постои кога се игра пред толку многу гледачи. Но зборуваме за 1960-тите, немаа сите ТВ. Никогаш не ни помислив дека 24 години подоцна ќе имам можност да играм сличен меч, финале против Бразил. Тоа беше сон што се оствари – се потсетува Барези.

Во финалето на СП 1994 во САД, Барези го промаши првиот пенал откако мечот по 120 минути игра заврши без голови. Тој го повреди менискусот на левото колено на вториот натпревар во групата, но сепак се врати во стартните 11 по 25 дена. Во финишот од финалниот меч тој имаше сериозни грчеви, но вели дека никогаш не се покајал што го извел ударот од белата точка. „Не, не жалам. Треба да ја преземете одговорноста, тоа е дел од професијата. Дури и главните изведувачи на пенали во тимовите промашуваат пенали, а јас не бев меѓу нив. Го задржувам задоволството што играв во тоа финале. Не мислев дека ќе имам шанса да играм“, вели Барези, кој има победнички медал од СП 1982 во Шпанија, иако ниту еднаш не излезе на теренот.
Барези освои шест титули во Серија А, три европски и два Интерконтинентални купа со Милан, чиј капитен беше во поголемиот дел од кариерата. Тој беше дел од двата најдобри тима во клупската историја. Првиот, „бесмртниот“, што две сезони по ред стана првак на Европа под водство на Ариго Саки и „непобедливиот“ што не беше поразен на 58 меча по ред во Серија А, под водство на Фабио Капело.

– Играв со таа група 10 години. Можевме да се најдеме со затворени очи. Тоа беше нашата сила. Секој од нас точно знаеше што прават другите во секој момент. Тоа беше врска што го надмина теренот, споделивме пријателство. Дури и сега се гледаме редовно – вели Барези.
Тој верува дека би уживал играјќи и во оваа ера, во која дефанзивците сѐ повеќе се охрабруваат да ја изнесат топката од својот дел на теренот. Насловот на неговата неодамнешна автобиографија, значи „Слободно да сонуваш“, но се однесува на неговата улога во тимот на Милан. Либерото беше резервниот дефанзивец, кој, наместо да чува противнички играч, можеше да ја „чита играта“ и понекогаш да оди и да игра понапред. Вирџил ван Дајк и Маркињос се првите две имиња што му паѓаат на ум кога станува збор за дефанзивците на кои им се восхитува денес, но исто така има и пофални зборови за англискиот централен бек на Милан, Фикајо Томори.
– Сакам да одам на стадион, да гледам мечеви, да го следам тимот. Емоцијата уште е тука. Фудбалот е спорт што ги движи луѓето – вели Барези.