Во сеќавањата на љубителите на фудбалот од 2018 година, меѓу другите работи, веројатно ќе остане фотографијата на која младиот Французин Килијан Мбапе го теши Аргентинецот Лионел Меси по победата на Франција над Аргентина, со 4-3 во рускиот град Казањ, во осминафиналето на Светското првенство (СП). Ова, во голема мера, беше година на Мбапе (19), во која тинејџерската суперѕвезда експлодира на светската сцена постигнувајќи два гола на мечот против Аргентина. Тоа беше прво СП на кое блесна тинејџер, по тоа во 1958 година на кое се појави Бразилецот Пеле.
Мбапе, играчот на ПСЖ, стана и првиот тинејџер што постигнува гол во финале на СП, повторно по Пеле на мечот против Шведска (5-2) пред 60 години, за втора светската титула на Франција по триумфот над Хрватска од 4-2.
Финалниот турнир на СП во Русија беше убав за гледање, богат со незаборавни мечеви и со најмногу постигнати голови по СП 1966 во Англија. Долго ќе се паметат мечевите Шпанија – Португалија, 3-3 во групната фаза и хет-трикот на Кристијано Роналдо, потоа победата на Белгија над Бразил, 2-1 во четврт-финалето и епската победа на Хрватска над Англија во продолжението, во полуфиналето и многу други.
– Можеби ова е едно од најчудните, најнеизвесни и најинтересни светски првенства – изјави селекторот на Хрватска, Златко Далиќ.
СП во Русија, веројатно ќе биде запаметено и како турнир што го означи веројатно крајот на соништата на Меси и на Роналдо за освојување на победничкиот пехар. Нивните селекции, Аргентина и Португалија, беа елиминирани во осминафиналето и тоа во ист ден. Лесно може да се случи 2018 година да се запамети и како година кога заврши ерата Меси – Роналдо. Двајцата имаа успешна сезона, Меси ја предводеше Барселона до освојување на двојната круна во Шпанија, првенството и купот, ја освои и „златната копачка“, а Роналдо беше шампион на Европа со Реал, третпат по ред, беше и прв стрелец на ЛШ, по што се пресели во Јувентус.
Но, овие нивни постигнувања паднаа во сенка на феноменалниот плејмејкер на Реал и на Хрватска, Лука Модриќ, кој ги доби сите индивидуални признанија за најдобар играч на годината, од онаа на ФИФА, па до „златната топка“, која во претходните 10 години по петпати ја освојуваа Роналдо и Меси.
– Никој нема право да се споредува со нив. Тие се меѓу најдобрите во историјата на фудбалот. Да се биде во друштво со нив е неверојатно и јас сум горд на тоа – изјави Модриќ за „Франс фудбал“.
Мбапе, кој беше прогласен за најдобар млад играч, очекува дека иднината нему му припаѓа. На клупско ниво ПСЖ гори од желба да ѝ стави крај на доминацијата на Реал во ЛШ и во тоа треба да им помогне токму Мбапе. „Кралевите“, кои во финалето во мај во Киев го победија Ливерпул (3-1), пак се надеваат дека и следната година ќе го задржат трофејот по финалниот меч што ќе игра во Мадрид, на стадионот „Метрополитано“, на Атлетико.
Технологијата на голема врата влезе на теренот
Годинава ќе се памети и по воведувањето на видеотехнологијата во фудбалот, со т.н. систем видеоасистент-судија (ВАР), на голема врата, на финалниот турнир на Светското првенство (СП) во Русија. Многумина беа скептични, но иако имаше некои судиски пропусти, како оние на теренот и во студиото, ВАР го положи испитот со висока оцена. Се покажа дека во иднина не ќе може да се замисли посериозен фудбалски натпревар без ВАР и без технологијата за гол-линијата, која дебито го имаше на претходното СП 2014, во Бразил и веќе се користи во речиси сите поквалитетни европски лиги.
Како и секое СП, и на ова се користеше најсовремена ТВ-технологија, во случајов 4К со ултрависока дефиниција (УХД), која уште не е во широка употреба. Иновација беше и системот за следење на перформансите на фудбалерите, со најразлични статистички и други податоци, во реално време. Нова беше и топката на „Адидас“, „телстар 18“, како потсетување на првата, од СП 1970, но со нов дизајн и која гарантираше квалитет и постојаност во сите услови. Л.Д.