Фудбалските првенства во Србија и во Хрватска ќе продолжат кон крајот на мај, објавија фудбалските федерации на двете земји. За разлика од Србија и од Хрватска, нема најави за почнување на тренинзите и за продолжување на натпреварите во Првата лига на Македонија.
– Ние сме ограничени со мерките на Владата и мораме да се придржуваме до нив. Испративме два дописа до Министерството за здравство за тоа дали и кога би можеле
клубовите да продолжат со тренинзи, потоа и со мечеви, како и за евентуалните протоколи, на што ни беше одговорено дека ќе треба да почекаме до идната недела. Затоа отпадна и најавениот состанок со прволигашите, бидејќи не знаеме што да им да кажеме и за што да се договараме. Наша обврска е до 25 мај да ја информираме УЕФА како ќе заврши првенството, дали ќе продолжи или ќе се прекине. Постојат повеќе варијанти како би се играло, а некаква временска рамка за рестарт ни е крајот на мај, најдоцна, а крајниот рок за завршување на првенството е 20 јули, пред европските клупски претквалификации – вели Златко Андоновски, портпаролот на ФФМ.
Во Србија ќе се доиграат преостанатите четири кола, без плејоф и плејаут. Следното,
27-то коло треба да се одигра на 30 мај, а 30-то на 20 јуни. Куп-натпреварите ќе се играат според планираното, со по еден натпревар и финале на 24 јуни. Во Хрватска фудбалските натпревари ќе продолжат на 30 мај, со полуфиналето на Купот, а мечевите во Првата лига на 6 јуни. Л.Д.