Во Пекинг минатата недела биле регистрирани повеќе од 180 новоинфицирани од ковид-19, што може да предизвика ново одложување на Лигата
Во Европа продолжија прекинатите сезони во повеќето фудбалски лиги, но во Кина, со избувнувањето на коронавирусот во главниот град Пекинг, се „искомплицираа“ плановите за почеток на одложената Суперлига (КСЛ), која требаше да започне во февруари, но беше одложена на неодредено време.
Во Пекинг минатата недела биле регистрирани повеќе од 180 новоинфицирани од ковид-19, што може да предизвика ново одложување на Лигата.
– За почетокот на сезоната сѐ уште се дискутира затоа што пандемијата повторно се прошири во Пекинг и сѐ повеќе ги усложнува работите. Челниците на КСЛ се загрижени поради тоа и ќе треба за подразмислат за некои промени во календарот – изјави за државната телевизија, специјалистот за заразни болести, Жанг Венхонг.
Тој истакнува дека ситуацијата е поинаква во Европа каде што фудбалските лиги се рестартираа откако со месеци беа суспендирани поради ковид-19.
– Европските земји донесоа таква одлука затоа што веруваат дека можат да ги контролираат случаите на коронавирусот и веруваат дека медицинскиот систем работи добро. Во Кина нашата цел е да ги задржиме случаите на нула, така што сме многу повнимателни и ни треба повеќе време – вели Венхонг.
Директорот на Шангајската управа за спорт за државната новинска агенција „Ксинхуа“ изјави дека КСЛ ќе продолжи во јули, „ако сѐ оди добро“.
Кина е претпазлива околу продолжувањето на професионалниот спорт, иако соседните земји Јужна Кореја, Јапонија и Тајван ги продолжија фудбалските и бејзбол-лигите.