Тие тврдат дека Американската фудбалска асоцијација (УССФ) исплатите ги базирала врз „родови стереотипи“ и бараат од судот да пресуди во нивна корист
Женската фудбалска репрезентација на САД побара од судот конечно да му стави крај на спорот за дискриминација во врска со платите, кој трае од 2016 година, и да пресуди во нивна корист.
Тие бараат да им бидат исплатени речиси 67 милиони долари, тврдејќи дека Американската фудбалска асоцијација (УССФ) решенијата за исплатите ги базирала врз „родови стереотипи“. УССФ, пак, тврди дека фудбалерките биле плаќани според колективните договори.
Адвокатите на фудбалерките тврдат дека тие биле дискриминирани и оти нема потреба да се оди на суд. Во прилог на тоа, тие поднесоа долга анализа, потврдувајќи дека на жените треба ретроактивно да им се исплатат 67 милиони долари.
Тие 67 милиони долари, на некој начин, се „срцето“ на спорот. УССФ би сакал да го реши спорот во вид на исплата, но таа сума е огромна, со оглед дека за годинава е планирано да се потрошат 143 милиони долари, околу 20 милиони долари повеќе од планираните. А тие 67 милиони долари не влегуваат во ниедна ставка.
Адвокатите на фудбалерките стигнале до таа бројка споредувајќи ги со постигнувањата и платите на фудбалерите на САД. Машката селекција на САД добива поголеми парични бонуси по натпревар. За победа тие можат да добијат и до 17.625 долари, а жените не повеќе од 8.500 долари.
Во УССФ еден дел од парите доаѓа и од бонусите од Светската фудбалска федерација (ФИФА). На пример, мажите можеа да заработат 25 милиони долари од наградата „тешка“ 34 милиони ако станеа светски прваци на Светското првенство во 2018-та во Русија. УССФ, пак, на жените што станаа светски првенки лани на Мундијалот што се играше во Франција им подели само 2,5 милиони долари, бидејќи ФИФА дава помала награда за фудбалерките.