Според податоците на „Форбс“ од 2017 година, бразилскиот напаѓач Нејмар заработил повеќе пари (43,8 милиони долари) отколку сите фудбалерки во седумте најсилни лиги во светот
Фудбалот се смета за најпопуларен спорт во светот, најдобрите играчи се планетарно познати и заработуваат милиони евра годишно. За разлика од мажите, фудбалерките заостануваат во многу работи, пред сѐ во медиумската експонираност и во третманот. Но она на што најмногу се жалат фудбалерките е огромната разлика во платите и во заработката во однос на колегите.
На тековното Светско првенство (СП) во Франција победникот (САД или Холандија, играа вчера во финалето) ќе заработи четири милиони долари, двојно повеќе отколку на минатото СП. Но таа сума е далеку од онаа што ја доби машката фудбалска репрезентација на Франција за титулата на СП 2018 во Русија, 38 милиони долари. Тој огромен диспаритет помеѓу женскиот и машкиот фудбал не се однесува само на наградите за најдобрите туку станува збор и за платите на фудбалерките, па и за заработката на професионалните клубови.
Светската фудбалска федерација (ФИФА) за СП во Франција за награди обезбеди 30 милиони долари, што е огромна разлика во споредба со ланското СП во Русија, каде што беа поделени 400 милиони долари. Плус ФИФА на репрезентациите им подели дополнителни 48 милиони долари за намирување на трошоците за подготовка за СП, како и 209 милиони долари како компензација за клубовите од кои доаѓаат репрезентативците. Женските репрезентации-учеснички на СП добија 11,5 милиони долари за подготовките, а клубовите 8,4 милиони долари.
Фудбалерките укажуваат и на големите разлики во плаќањето на клупско ниво и на ниво на федерации во многу земји. Најдобрата светска фудбалерка, Норвежанката Ада Хегерберг, одби да настапи на СП во Франција поради спорот со националната федерација во врска со вкупните инвестиции и третманот на женскиот фудбал. Норвешката федерација вети дека за две години ќе оствари родова еднаквост кога се во прашање платите, но Хегерберг, првата добитничка на „златната топка“, вели дека треба да се направи многу повеќе.
За големи нееднаквости во платите говорат и податоците на „Форбс“ од 2017 година, според кои бразилскиот напаѓач Нејмар заработил повеќе пари (43,8 милиони долари) во ПСЖ отколку сите фудбалерки во седумте најсилни лиги во светот. Во Австралија, на пример, Тим Кејхил во сезоната 2016/2017 во Мелбурн сити заработил 3,5 милиони долари, што било повеќе од сите 181 фудбалерка што се натпреварувале во женската лига таа година.
Во Ирска, Данска, Австралија и во САД, жените презедоа правни акции за да издејствуваат подобри работни услови и подобри плати. Штрајковите се покажаа како ефикасни. Во 2015 година австралиските фудбалерки одбија да настапат на два меча на турнејата во САД, барајќи основните плати да бидат 21.000 долари годишно. По тој штрајк, фудбалерките имаа успешни преговори за зголемување на платите, по што една од најдобрите, Сем Кер, сега заработува 400.000 долари годишно.
Иако штрајковите се покажаа ефикасни за некои, други се решија за тужби. Во март женската репрезентација на САД поднесе тужба против националната фудбалска федерација, наведувајќи дека поради нееднаквите плати за мажите и за жените бил прекршен Законот за еднакви плаќања на САД. Тие имаат силен судски случај. Последниве години женскиот национален тим на САД е многу поуспешен од машкиот, освои три титули светски првак и четири златни олимписки медали, привлече повеќе навивачи на натпреварите и имаше многу поголеми приходи. Сепак, жените добиваат максимум 4.950 долари за настап на пријателски меч, а мажите во просек по 13.166 долари за идентични натпревари.
Доколку женската репрезентација на САД го добие судскиот спор, фудбалската федерација може да се соочи со големи парични казни или да биде принудена ретроактивно да ги исплати фудбалерките.