Не е јасно колку тие маски би штителе, но би било разумно да има што повеќе мерки на претпазливост, вели д-р Роуланд Као од Универзитетот во Единбург
Фудбалерите на натпреварите во Премиер-лигата, како и на тренинзите, да носат маски на лицето, би било „разумна претпазливост“ за да се преземат мерки да се ограничи ширењето на коронавирусот, вели медицински експерт, епидемиолог, пишува британскиот дневен весник „Гардијан“.
– Не е јасно колку тие маски би штителе, но би било разумно да има што повеќе мерки на претпазливост. Ако имате заедно од 300 до 500 луѓе, за натпревар зад затворени врати, постои можност за инфекции. Маските не ве заштитуваат вас, туку ги штитат другите – вели д-р Роуланд Као од Универзитетот во Единбург, пренесува „Гардијан“.
Премиер-лигата, која се придржува до советите на Владата во врска со коронавирусот и безбедносните протоколи, допрва треба да ги разгледува препораките на д-р Као, кој вели и дека играчите треба редовно да бидат тестирани, за што се залагаат и лекарите во Премиер-лигата, кои заговараат воспоставување строги протоколи за клубовите откако играчите ќе продолжат со тренинзите. Другите препораки вклучуваат изменет распоред на тренинзите, играчите да јадат сами и да не употребуваат заеднички бањи и тушеви.
Д-р Као вели и дека редовното тестирање на персоналот што е вклучен на тренинзите и на натпреварите зад затворени врати ќе биде од витално значење.
– Тестовите треба да се направат пред да почнат со активностите. Но се поставува прашањето дали се достапни такви тестови. Станува збор за голем број тимови и за значителна бројка тестови и не ми е јасно дали треба да им дадеме приоритет пред другите области. Но ако не може да се направат тестови, мала е веројатноста дека набргу ќе се придвижат работите – вели Као.
Синдикатот на светски играчи (ФИФ-про) се консултира со Светската здравствена организација (СЗО) за безбедносните протоколи на тренинзите и на натпреварите, пишува „Гардијан“. .