Кој ќе биде новиот светски првак во фудбал, Франција или Хрватска? Кој ќе го подигне славеничкиот пехар во Москва? Тоа е најчестото прашање кое сега сe поставува меѓу љубителите на фудбалот ширум светот. Одговорот ќе биде познат по денешниот финален натпревар кој започнува во 17 часот на стадионот „Лужники“ во Москва. Размислувања се различни, некој ја фаворизираат Франција, некои Хрватска, најпријатното изненадување на ова СП.
Тоа беше и главната причина да побараме размислувања од наши еминентни фудбалски стручњаци, тренери и поранешни фудбалери.
Хаџиевски: Франција е благ фаворит
СП 2018 генерално е интересно, добро oрганизирано, без навивачки и други инциденти, иако постоеја закани пред почетокот. Имало и поквалитетни СП, каде што полуфиналето или финалето не можело да се замисли без фудбалските селекции на Холандија, Италија, кои овој пат не се пласира, потоа Германија, Бразил, Аргентина, кои разочараа со своите настапи. Сите што стигнаа до самата завршница, тоа го направија заслужено. Хрватска покажа најмногу, а се чини дека може и да слави во финалето. Пријатно изненадија Белгија и Англија, а над своите можности одиграа Шведска, Данска и Русија. Селекторот на Хрватска, Златко Далиќ, кого добро го познавам, бидејќи еден период бевме тренери во Саудиска Арабија, се покажа како извонреден стратег на СП. Франција е благ фаворит за титулата во однос на Хрватска, вели искусниот тренер Ѓоко Хаџиевски.
Димитровски: Симпатиите кон Хрватска, но Франција ќе биде поодморена
Мундијалот го оценувам позитивно од сите агли. На него немаше никакви поголеми ексцеси, со одлична организација од страна на домаќинот. Финалистите Хрватска и Франција заслужено стигна дотука. Симпатиите се насочени кон Хрватска, која игра мошне борбено и со срце, но Франција ќе биде поодморена во финалето. Лионел Меси разочара, но секако дека не е исто да се игра во клуб и во репрезентација. Разочара и Германија, како и Бразил, од кој се очекуваше многу повеќе, вели некогашна вардарова фудбалска легенда Кочо Димитровски.
Стратев: Хрватска одигра одлично и заслужено е финалист
Ова СП ќе биде запаметено по добрата организација, занимливоста, исполнетоста на сите стадиони и по тоа што Хрватска одигра одлично и заслужено стигна до своето прво финале, предводена од капитенот Лука Модриќ. Генерално се играше, пред сѐ, да не се прими гол, а потоа по можност да се постигне. Играта не беше на високо ниво, со јалов посед на топката, без некои посебни новитети за гледачите да бидат задоволни. Но целта секогаш ги оправдува средствата, па така беше и сега. Аргентина и Бразил со по една вонсериска фудбалска ѕвезда во тимот не успеаја да направат многу против своите квалитетни противници. За разлика од европските, неевропските селекции играа недисциплинирано. Германија разочара пред сѐ поради лошиот избор на нејзините фудбалери. Многу селекции, пак, дојдоа неподготвени за ваков турнирски систем на натпревари, рече тренерот Зоран Стратев.
Христовски: Во финалето сѐ е можно
Генерално, не сум задоволен од досега прикажаното на ова СП. Очекував многу повеќе, пред сѐ во начинот на играта, иновативноста, идејата, атрактивноста. Многу селекции дојдоа неподготвени за турнирски систем на игра. Хрватите се пласираа во големото финале, благодарение на искуството на фудбалерите и нивното играње на силни натпревари со своите клубови, како и големата лојалност кон националниот дрес. А во финалето против Франција сѐ е можно. Според мене „златната топка“ би ја добил или Антоан Гризман или Лука Модриќ, во зависност од тоа кој ќе го крене победничкиот трофеј в недела, смета фудбалскиот тренер Драган Христовски.