Францускиот магазин „Франс фудбал“ објави две дополнувања во својот избор на најдобрите во фудбалот за 2018 година, за познатата награда „златна топка“, која се доделува од 1956 година.
Така, првпат од воведувањето на признанието, не сметајќи ги петте години додека наградата се доделуваше заедно со Светската фудбалска федерација (ФИФА), ќе биде избрана и најдобрата фудбалерка на годината. Втората новина е тоа што ќе биде доделена и наградата „Копа“ (во чест на славниот француски фудбалер Рајмонд Копа), за најдобриот фудбалер во светот до 21-годишна возраст.
Кандидатите за оваа младинска награда ќе бидат избрани од 33 поранешни добитници на наградата „златна топка“, како што се Боби Чарлтон, Герд Милер, Олег Блохин, Паоло Роси, Руд Гулит, Христо Стоичков, Роналдо, Луис Фиго, Павел Недвед, Франц Бекенбауер, Лионел Меси, Кристијано Роналдо, Мишел Платини, Денис Ло, Кевин Киген, Марко ван Бастен, Зинедин Зидан, Роналдињо….
Сите кандидати за наградите на „Франс фудбал“ треба да бидат објавени на 8 октомври, а победниците треба да бидат прогласени на 3 декември.
Изборот на „Франс фудбал“ претрпе неколку измени во текот на годините, па, така, до 1994 година наградата беше наменета за најдобриот европски фудбалер, потоа до 2007 година му се доделуваше на најдобриот што игра во Европа, а оттогаш за најдобриот во светот.