Тренерот Ханс-Дитер Флик објави дека ќе го напушти Баерн по завршувањето на сезонава, откако неговите фудбалери го совладаа Волфсбург со 3-2 на гости, со што направија чекор кон одбрана на шампионската титула во германската Бундес-лига.
– Би сакал да ја раскинам соработката по завршувањето на сезоната. Тоа е факт, ми беше важно јас ова да им го соопштам на играчите – рекол Флик.
Тренерот кој со Баерн ги освои и Лигата на шампионите и Светското клупско првенство, не сакаше да открие зошто донел ваква одлука. Се шпекулира дека Флик би можел да ја преземе репрезентацијата на Германија, а медиумите претпоставуваат дека ја донел одлуката и поради несогласувањата што ги има со спортскиот директор на Баерн Хасан Салихамиџиќ.
Флик стана тренер на Баерн во ноември 2019 година кога го наследи Нико Ковач.
Флик досега го предводеше Баерн на 81 натпревар, на кои забележа 67 победи, осум нерешени и шест порази.