Фламенго е нов шампион на Јужна Америка, а кога првпат стана континентален првак, во 1981 година, ја освои и светската круна, во финалето со Ливерпул, со кој по 38 години пак може да игра за планетарната титула
Бразилскиот фудбалски клуб Фламенго вторпат ја освои континенталната титула во Јужна Америка, откако во финалето на Копа либертадорес во Лима (Перу) го совлада аргентински Ривер плата со 2-1, кој лани ја освои титулата.
Во возбудливото финале Ривер плата поведе во 14. минута, со голот на Рафаел Сантос Боре, а Фламенго до целосен пресврт стигна во последните пет минути од средбата, кога Габриел Барбоса прво израмни во 89. минута, а потоа со голот во 92. минута на Фламенго му ги донесе титулата и учеството на Светското клупско првенство.
Фламенго беше јужноамерикански шампион и во 1981 година, кога ја освои и светската титула, откако во мечот за планетарната круна, игран во Токио, го совлада Ливерпул со 3-0 (за Фламенго тогаш, меѓу другите, играше Зико, а за Ливерпул, Далглиш…).
Двата тима може да се сретнат во мечот за светската титула и годинава, бидејќи Ливерпул е европски првак и ќе го претставува континентот на турнирот од клупско Светско првенство (СК) во Катар во декември. Ливерпул во полуфиналето го чека победникот од средбата во која Монтереј од Мексико (првак на Северна Америка) ќе се сретне со победникот на дуелот Ал-Сад од Катар (претставник на домаќинот) и Иенген од Нова Каледонија (првак на Океанија). Фламенго, пак, во полуфиналето треба да се сретне со победникот на дуелот Ал-Хилал од Саудиска Арабија (првак на Азија) и Есперанс од Тунис (првак на Африка).
УЧЕСНИЦИ НА КЛУПСКОТО СП 2019
Ливерпул (Англија)
Фламенго (Бразил)
Монтереј (Мексико)
Есперанс (Тунис)
Ал-Хилал (С. Арабија)
Иенген (Нова Каледонија)
Ал-Сад (Катар)
Барбоса јунак на натпреварот
Габриел Барбоса-Габигол беше јунакот на финалниот меч. Барбоса (23) дебитира за Сантос на 16 години, против Фламенго, на последниот натпревар на клупскиот соиграч Нејмар, пред тој да се пресели во Барселона, во 2013 година. Барбоса мина во милански Интер во 2016 година, кој за него плати 29,5 милиони евра, но тој таму не се изнаигра, во следните неколку сезони (една беше на заем во Бенфика) на 15-те меча даде само два гола
Потоа се врати во Бразил и сезонава веќе постигна 22 гола во лигата, еден повеќе од рекордните 21 на клупската легенда Зико, плус девет во Копа либертадорес. „Убиствениот голгетерски инстинкт“ беше причина медиумите во Бразил да го „воскреснат“ неговиот прекар Габигол, како што го нарекуваа неговите соиграчи во Сантос за да го разликуваат од другите играчи што исто така се викаа Габриел. Л.Д.