Врвните играчи во Европа играат до 80 отсто минути на натпреварите во т.н. „критична зона“ во која се подложни на повреди, се наведува во најновиот извештај на Светската асоцијација на играчи (ФИФПРО).
Податоците покажуваат дека поради згуснатиот календар, што е предизвикано од пандемијата на коронавирусот, најстандардните играчи во тимовите немаат препорачан петдневен одмор меѓу натпреварите, што претставува голем проблем за нивното здравје и за должината на нивните кариери, истакнува ФИФПРО во извештајот во кој се опфатени 265 играчи во 43 домашни лиги, направен меѓу 1 мај 2020 и 31 јануари 2021 година.
Во извештајот, на пример, се наведува дека 73 отсто од минутите што ги одиграл Хари Мегваер од Манчестер јунајтед, од почетокот на мај лани до крајот на јануари годинава, биле во критичната зона. Неговиот колега Хари Кејн од Тотенхем, во просек имал 4,26 дена меѓу настапите во тој период.
Играчот за врска на Јунајтед, Бруно Фернандеш, имал само 20 дена одмор меѓу последниот натпревар на неговиот клуб од Лига Европа, на 16 август, до мечот за Португалија во Лигата на нации, на 5 септември. Дефанзивецот на Баерн, Никлас Суле, и напаѓачот на ПСЖ, Килијан Мбапе, имале 11, односно 13 дена пауза.
– Овој извештај е последното остро предупредување дека здравјето на играчите е загрозено поради згуснатиот распоред на натпреварите. Сега е потребна акција. Чекањето да се реши овој проблем според меѓународниот календар на натпревари по 2024 година, кога ќе се судрат интересите на сите организатори на натпреварите, не е доволно. Потребни ни се итни мерки за заштита на играчите преку гарантирани минимални паузи во сезоната, продолжени минимални периоди на одмор меѓу натпреварите, како и радикална ревизија на календарот од 2024 година – вели генералниот секретар на ФИФПРО, Јонас Баер-Хофман.