ФИФА ќе издвои 16 милиони долари за фондот до 2022 година, а од ФИФА и од ФИФ-про, велат дека „иако овие пари нема во целост да ги покријат побарувањата на играчите, сепак, ќе им обезбедат некаква сигурност“
Светската фудбалска федерација (ФИФА) и Здружението на професионални фудбалери (ФИФ-про) формираа фонд за фудбалери (ФИФА-ФФП) за обезбедување финансиска поддршка на играчите што не добиле, ниту пак ќе добијат пари од нивниот клуб. Според информациите, ФИФА ќе издвои 16 милиони долари за фондот до 2022 година, распоредени на годишно ниво, од кои пет милиони се за играчите што биле оштетени меѓу јули 2015 и јуни 2020 година.
– Иако овие пари нема во целост да ги покријат побарувањата на играчите, сепак, ќе им обезбедат некаква сигурност – истакнуваат од ФИФА и од ФИФ-про.
Лани ФИФА го ажурира дисциплинскиот правилник за справување со неплаќањето на заработеното на играчите. Во него се вели дека ако клубот „не му дал на играчот најмалку две месечни плати до предвидениот датум, тој има право да го раскине договорот“. Новиот фонд треба да за почне да функционира на 1 јули.
– Повеќе од 50 клуба во 20 земји се затворија последниве пет години, ставајќи во неволја стотици фудбалери. Овој фонд ќе им обезбеди поддршка на оние играчи и семејства што имаат најголема потреба од тоа. Многу од овие клубови беа затворени за да ги избегнат плаќањата, а веднаш потоа формираа нови клубови – рече претседателот на ФИФ-про, Филип Пјат.