Премиерлигашот Челси ја обжали одлуката на ФИФА за забрана на дојдовни трансфери во следните два трасфер-периоди, јави британски Би-би-си.
Одлуката на ФИФА за забрана на трансфери дојде по истрагата во која е заклучено дека тимот од „Стенфорд Бриџ“ ги прекршил регулативите за меѓународни трансфери и регистрација на играчи под 18 години.
Според ФИФА, пронајдени се недоследности во 29 од 92 истражени случаи, вклучувајќи го и оној на играчот Бертранд Траоре, кој сега настапува за француски Лион.
Светската фудбалска куќа денес потврди дека лондонскиот тим денес ја обжалил одлуката, но не прецизираше кога таа ќе биде процесуирана, пишува Би-би-си.
Челси, освен забраната за трансфери, беа казнети и со 460 илјади фунти, додека Фудбалската асоцијација на Англија (ФА) беше казнета со 390 илјади фунти.
Казната, која треба да трае до крајот на јануари 2020 година, дозволува напуштање на играчите од клубот и не ги засега женскиот фудбалски клуб и футсал екипата на „Сините“ од Лондон.