Работиме во тесна соработка со релевантни национални и меѓународни власти за јавно здравје, особено со Светската здравствена организација, и имајќи ги предвид стручните совети што ги добивме за ова прашање, сметаме дека оваа мерка и препорака е најсоодветен и одговорен чекор поради тековните околности, пишува во соопштението на ФИФА
Со оглед на моментната состојба во врска со коронавирусот, Бирото на Советот на Светската фудбалска федерација (ФИФА) донесе одлука дека општите правила во фудбалот, кои вообичаено ги обврзуваат клубовите да ослободуваат играчи за натпревари во националниот тим, нема да важат за претстојните меѓународни термини во март и во април, објави ФИФА на својата интернет-страница.
– Ситуацијата рапидно се развива низ целиот свет и разни меѓународни ограничувања за патувања веќе се наметнати од различни јавни власти. ФИФА разбира дека одржувањето на натпреварите поради тековните околности не само што може да претставува потенцијален ризик по здравјето на играчите (и за пошироката јавност), туку, исто така, најверојатно, ќе го загрози и спортскиот интегритет на ваквите натпревари доколку одредени тимови ги имаат сите најдобри играчи, а други не.
За да избегнете непотребни ризици по здравјето и ситуации на потенцијална спортска неправедност, препорачуваме сите меѓународни натпревари закажани во март и во април, да бидат одложени, до моментот кога ќе можат да се одвиваат во безбедно опкружување, за играчите и за пошироката јавност. Конечната одлука за ова прашање е на соодветните организатори на натпреварувањата или на соодветните федерации во случај на пријателски мечеви. Квалификациските натпревари за Светското првенство во Азија и во Јужна Америка веќе се одложени по консултациите помеѓу ФИФА и засегнатите конфедерации.
Во консултација со конфедерациите и со релевантните засегнати страни, ФИФА ќе ги проучува можностите за повторно закажување на одложените натпревари и е уверена дека со добра волја и флексибилност од сите страни ќе се најдат соодветни решенија за да се овозможи натпреварите да се одвиваат во соодветниот тек и со минимално нарушување, велат од ФИФА. Работиме во тесна соработка со релевантни национални и меѓународни власти за јавно здравје, особено Светската здравствена организација (СЗО), и имајќи ги предвид стручните совети што ги добивме за ова прашање, сметаме дека оваа мерка и препорака се најсоодветни и одговорен чекор поради тековните околности – пишува во соопштението на ФИФА.