Планиран е фонд од една милијарда долари за инфраструктура, а за развојот на натпреварувањата се најавува светска лига на нации во фудбал за жени, почести младински СП, повеќе младински категории, репозиционирање на Африканскиот куп на нации, ново африканско клупско натпреварување…
Говорејќи на историскиот семинар, фокусиран на развој на натпревари и инфраструктура во африканскиот фудбал, претседателот на Светската фудбалска федерација (ФИФА), Џани Инфантино, ја истакна својата желба „да го проектира африканскиот фудбал до врвот на светот“. На состанокот во Мароко присуствуваа претседателите на ФИФА и Африканската фудбалска конфедерација (ЦАФ), делегати од секоја од 54-те членки на ЦАФ, легенди на африканскиот фудбал, претставници од меѓународната банкарска и инвестициска индустрија и медиумите, за искористување на посветеноста, решеноста и страста на сите вклучени во африканскиот фудбал да го кренат на највисоко ниво, пишува на официјалната интернет-страница на ФИФА.
Претседателот на ФИФА го истакна своето верување во огромниот потенцијал за позитивен раст и проширување на африканскиот фудбал, пишува ФИФА. Тој ја откри и заедничката стратегија на ФИФА и на ЦАФ за издигнување на африканскиот фудбал, фокусирана на три клучни столба: судење, инвестиции и развој на натпреварувањата.
Според Инфантино, во инвестицискиот дел, ФИФА планира фонд од една милијарда долари за инфраструктура, за изградба на барем по еден врвен стадион во 54-те земји-членки, а таму каде што има барем еден многу добар стадион, инвестициите може да се направат и во друга инфраструктура. Во однос на развојот на натпреварувањата, ФИФА ќе бара низа нови иницијативи, како создавање светска лига на нации во фудбал за жени, почести младински светски првенства, повеќе категории за младински натпреварувања, репозиционирање на Африканскиот куп на нации што треба да се игра на секои четири години и создавање ново африканско клупско натпреварување, со, според предлогот на Инфантино, 20 клуба постојани членки и дополнителен циклус квалификации.