Од аспект на финансирањето и управувањето, слушнав неколку интересни предлози за широк спектар теми, од ограничување на платите и на трансферите, преку други начини за оданочување, до можни обврски за раководните тела, организаторите на натпреварувањата и клубовите да формираат или да партиципираат во резервниот фонд, кој може да биде од помош во ситуации како што е сегашната. Јас лично се залагам за појасни и построги финансиски регулативи и за наметнување целосна транспарентност и принципи на добро управување, вели првиот човек на ФИФА, Џани Инфантино
Светската фудбалска федерација (ФИФА) ќе организира серија разговори преку Интернет со сите земји-членки и други заинтересирани страни, за да дебатира и да ги проценува предлозите што може да придонесат „да се формира подобар фудбал за иднината“, објави ФИФА на својата интернет-страница. Претседателот на ФИФА, Џани Инфантино, повика на дискусии за предлозите за ограничување на платите и на трансферите во фудбалот, погоден од пандемијата, објави агенцијата АФП. ФИФА има намера наредните недели да ги заврши плановите за пакетот финансиска помош за ублажување на штетата што ја трпи фудбалот.
– Цврсто верувам дека нашата иднина може да се обликува само со тоа што ќе разговараме со вас, членките на ФИФА, затоа што вие сте ФИФА. И не можеме и нема да носиме одлуки на некои состаноци на мала група луѓе. Тие времиња се дефинитивно завршени. Сакаме да ги слушаме вашите ставови за важни теми, како што е идниот меѓународен календар на натпревари. Како треба да се справиме со зголемениот број мечеви што ги играат врвните фудбалери? Колку натпревари може да игра еден играч во една сезона? Како треба да се организираат нашите натпревари во иднина, на ниво на ФИФА, на национално ниво…? И како можеме подобро да ги хармонизираме календарот и натпреварите меѓу континентите, бидејќи фудбалот станува сѐ повеќе глобален? Од аспект на финансирањето и управувањето, слушнав неколку интересни предлози за широк спектар теми. Од ограничување на платите и трансферите, преку други начини за оданочување, до можни обврски за раководните тела, организаторите на натпреварувањата и клубовите да формираат или партиципираат во резервниот фонд што може да биде од помош во ситуации како што е сегашната. Јас лично се залагам за појасни и построги финансиски регулативи и за наметнување целосна транспарентност и принципи на добро управување. Ова не треба да се однесува само на трансферите туку и на целиот фудбалски екосистем. ФИФА работи многу во оваа област, иако се соочуваме со доста отпори во врска со нашето залагање за подобро управување со нашиот спорт. Знам дека ова е нешто што ќе предизвика интензивна дебата, но дебатата е здрава и треба да зборуваме за сето тоа заедно, како што стоиме заедно во овој тежок период – вели меѓу другото Инфантино, во отвореното писмо до земјите-членки на ФИФА.
Во неодамнешната студија на сметководствената фирма КПМГ се наведува дека трансферната вредност на играчите во 10-те најголеми лиги во Европа би можела да опадне и до 10 милијарди евра, како резултат на ситуацијата со коронавирусот, пишува АФП. Француската Лига 1 најави дека од Владата ќе побара заем од околу 225 милиони евра за да им помогне на клубовите поради загубата на приходите од ТВ-операторите, а Тотенхем зеде банкарски заем од 175 милиони фунти за да ја ублажи кризата, објави АФП.
– Потребата за продолжување на врвниот клупски фудбал, разбирливо, е приоритет, но мора да ги земеме предвид и репрезентациите, фудбалот за жени, домашните лиги од пониско ниво, младите. Мора да покажеме единство во сите аспекти и да се осигуриме дека фудбалот може да продолжи со својата глобалност. Ова е наш приоритет, а нашиот план за финансиско олеснување, исто така, ќе го следи овој принцип. На друга многу важна тема, за меѓународниот календар на натпревари, среќен сум што можам да објавам дека постигнавме добар напредок. Во консултација со различни засегнати страни, поблиску сме да претставиме балансирано решение што ќе ги земе предвид предизвиците и потребите на сите – рече Инфантино. Л.Д.