Можни се замени во случај на потрес на мозокот, без оглед на веќе користените замени, а тимовите и на клупското СП ќе може да направат до пет вообичаени замени по натпревар

ФУДБАЛ – ЗА СВЕТСКОТО КЛУПСКО ПРВЕНСТВО

Светската фудбалска федерација (ФИФА) потврди дека ќе дозволи како проба дополнителни трајни замени во случај некој фудбалер да има вистински или сомнителен потрес на мозокот на клупското Светско првенство (СП) што треба да се одржи во Катар, од 1 до 11 февруари. Со тоа ова клупско СП ќе стане првото меѓународно натпреварување што ќе ја тестира оваа постапка, објави ФИФА.
По опсежните консултации со клучните засегнати страни, протоколите за замена при потрес на мозокот беа одобрени на годишниот деловен состанок на Интернационалниот фудбалски борд (ИФАБ), тело задолжено за измени на правилата во фудбалот, во декември 2020 година, за испраќање силна порака дека доколку има сомневање, играчот треба да биде повлечен, потоа спречување фудбалер да има нов потрес на мозокот за време на натпреварот, бидејќи повеќе инциденти со повреда на главата може да имаат многу сериозни последици, намалување на притисокот врз медицинскиот персонал за брза процена и воспоставување едноставна постапка што може да се примени на сите нивоа на игра, пишува ФИФА на својата интернет-страница.
Така, на клупското СП на секој тим ќе му биде дозволено да користи максимум една замена при потрес на мозокот на еден натпревар, без оглед на бројот на веќе користени замени. На тимовите што учествуваат на клупското СП ќе им биде дозволено да направат до пет вообичаени замени по меч.