Ренова и Шкендија обезбедија пласман во второто квалификациско коло за Лига Европа, каде што ќе настапи и Силекс по елиминацијата од квалификациите за Лигата на шампионите (загуби од Карабах со 0-4), додека Шкупи го заврши учеството во Европа сезонава.
Ренова направи изненадување совладувајќи го ерменски Алашкерт со 1-0 на гости, со голот на Ненад Мишковски во 58-та минута, додека Шкендија славеше на гостувањето кај азербејџански Сумгаит со 2-0, преку два успешно реализирани пенали на Бесарт Ибраими во 56-та и на Љупчо Дориев во 89-та минута. Шкупи пак, загуби од Нефчи со 1-2 на гостувањето во Азербејџан. Домаќинот стекна предност од 2-0 во вториот дел, по што екипата од Чаир само го ублажи поразот во судиското надополнување од натпреварот преку Дембо Дарбо. Шкупи го заврши мечот со играч помалку на теренот по исклучувањето на Умар Гудијаби во 70-та минута.
Македонските претставници ќе ги дознаат ривалите за втората рунда на ждрепката која ќе се извлекува в понеденик во Нион, Швајцарија. Мечевите од второто коло се играат на 17 септември.