Секој играч напредуваше сезонава. Затоа и освоивме три трофеи. Ова се случува само кога играте како тим, рече тренерот на Баерн, Ханс-Дитер Флик, по победата во финалето на Лигата на шампионите во дуелот со ПСЖ со 1-0

ФУДБАЛ – ШЕСТА ЕВРОПСКА ТИТУЛА ЗА БАЕРН

Баерн шести пат е фудбалски првак на Европа, победувајќи го дебитантот во финалињата во Лигата на шампионите (ЛШ), Пари сен Жерман со 1-0, во 11-то финале во клупската историја на германскиот првак. Голот го постигна Кингсли Коман во 59-та минута, кој стана петтиот Французин што постигнува гол во финале откако се игра овој формат на ЛШ, по Базил Боли во 1993 година за Марсеј, Марсел Десаи во 1994-та за Милан, Зинедин Зидан во 2002 и Карим Бензема во 2018 година, двајцата за Реал Мадрид. Завршниот меч во ЛШ се одигра на стадионот „Луж“ во Лисабон, без публика, поради пандемијата на коронавирусот.
Баерн предводен од тренерот Ханс-Дитер Флик, кој лани во ноември го замени Нико Ковач, сезонава има максимален ефект, забележа рекордни 11 победи на 11 натпревари во ЛШ, (гол-разлика 43-8) и има 21 триумф во низа во сите конкуренции. За Баварците ова е трет трофеј годинава, по оние во првенството и во Купот на Германија. Ваков подвиг тие забележаа и во 2013 година, тогаш под водство на Јуп Хејнкес.

Флик им го припиша најголемиот дел од заслугите за успехот на фудбалерите, истакнувајќи дека главниот квалитет се состои во тимската игра.
– Секој играч напредуваше сезонава. Затоа и освоивме три трофеи. Ова се случува само кога играте како тим. Како функционираме дефанзивно најдобро можеше да се види во 92-та минута кога Левандовски ја бркаше топката, тоа беше неверојатно. Фантастичниот тимски настап беше клучниот момент – рече Флик.
За тимската игра на Баерн сезонава една илустрација е и фактот дека на мечот со Барселона, на пример, во четврт-финалето, шестмина играчи беа стрелци на осумте гола, а асистенти на тие голови беа осум различни фудбалери.
Баерн во финалето играше поофанзивно (посед на топката 62 отсто), поборбено и, што е најбитно, постигна гол. Покрај Коман, честитки за играта заслужуваат сите, од голманот Мануел Ноер, кој одбрани неколку удари, преку бекот Алфонсо Дејвис, Тијаго Алкантара на средината на теренот, и во нападот Серж Гнабри и Роберт Левандовски, кој еднаш ја погоди стативата.

Тој сезонава постигна 15 гола на 11-те натпревари во ЛШ и ја освои „златната копачка“. Левандовски беше најдобар стрелец во сите натпреварувања во кои настапи сезонава.
Баерн може да се пофали и со фактот дека стигнал до бројката од 500 голови во најсилното европско клупско натпреварување (сега ЛШ, порано Куп на шампионите). Поефикасни се само двата шпански гиганта, Реал Мадрид (567) и Барселона (517). Флик (55 години и 181 ден), пак, е петтиот највозрасен тренер што станал европски првак, по Алекс Фергусон со Манчестер јунајтед во 1997 и во 2008 година (57 и 66 години), Хејнкес во 2013-та со Баерн (68) и Рејмонд Гуталс со Марсеј во 1993 година (71 година).
ПСЖ првпат по 35 меча во низа (од април 2016-та) не постигна гол во ЛШ и стана седмиот тим во низа што загуби во своето прво финале. Последна екипа на која ѝ успеало да триумфира во првиот настап во финален меч е Борусија Дортмунд, во 1997 година, против Јувентус (3-1).