Она што го бараме од нашиот тим, она што го бараме од себе, е да се рестартираме, да гледаме напред, да не испуштиме ниту еден процент од решителноста, вели Тухел (47) пред вечерашниот меч за Суперкупот на УЕФА, против Вилјареал во Белфаст

ТОМАС ТУХЕЛ, МЕНАЏЕР НА ЧЕЛСИ

Нема ништо поубаво отколку да се започне сезоната со европско финале, вели менаџерот на Челси, Томас Тухел (47), во ексклузивното интервју за интернет-страницата на Европската фудбалска унија (УЕФА), пред вечерашниот меч за Суперкупот против Вилјареал во Белфаст. Тухел, кој беше ангажиран за менаџер на Челси во јануари 2021, еден месец по заминувањето од ПСЖ, имаше големи подеми и падови во последните 18 месеци. Тој го предводеше ПСЖ до првото финале во Лигата на шампионите (ЛШ) во 2020 година, во кое загуби од Баерн Минхен, со 0-1. Но се поправи со својот нов тим, Челси, победувајќи го ривалот од Премиер-лигата, Манчестер сити, со 1-0.
ЗА ДУЕЛОТ СО ВИЛЈАРЕАЛ: Фокусот е кон иднината. Имам огромна почит кон Вилјареал и кон Унаи Емери. Мислам дека наскоро трофејот во Лига Европа (ЛЕ) може да го наречат „Трофеј Унаи Емери“! Тој човек е неверојатен. Играше во пет финалиња и четири пати победи, тоа е лудо. Со шпанските тимови треба да бидете многу внимателни. Тие играат со голем посед на топката, со многу храброст. Вилјареал ќе го сфатиме многу сериозно и ќе сториме сѐ што можеме за да го однесеме трофејот дома.
ЗА УСПЕХОТ СО ЧЕЛСИ МИНАТАТА СЕЗОНА: Како започнав толку добро? Не знам! Најдов добро структуриран клуб, врвна организација, многу амбициозен тим и голема поддршка на највисоко клупско ниво, тоа ги олесни работите. Играњето со тројца играчи во последната линија од одбраната беше приспособено на сите играчи, и на играчите од средниот ред. Многу рано решивме дека на теренот секогаш сакаме да имаме двајца од тројцата играчи од средниот ред, Н’Голо Канте, Жоржињо и Матео Ковачиќ. Тоа е пристапот, да го направиме она што е добро за тимот и да го направиме она што им одговара на карактеристиките на играчите.

ЗА Н’ГОЛО КАНТЕ: Со години посакував да го имам во мојот тим и сега го сторивме обратното, јас дојдов во неговиот тим. Сон на секој тренер е да го има Н’голо во својот тим, оти тој им ги олеснува работите на сите. Тој е многу фино момче и неговиот менталитет е да биде насекаде на теренот, да помогне и да ја одземе топката. Среќен сум што тој блескаше, оти е важно за фудбалот, за ваквите играчи, кои му служат на тимот.
ЗА УСПЕХОТ ПРОТИВ МАНЧЕСТЕР СИТИ: Во тој меч влеговме можеби со мала психолошка предност, откако ги победивме двапати во краток период. Откако ќе ја „вклучите машината“, треба да страдате многу минути, мора да останете заедно, мора да останете позитивни и активни. Како беше да се слави со семејството по натпреварот? Прекрасно, затоа што имав чувство дека тоа беше уште поважно за нив. Понекогаш и вашето семејство прави жртви, тоа сигурно го правеше и моето, како и моите родители, кои долго време ме возеа на фудбалските терени кога имав шест години. Тоа беше подарок за нив, беше ноќ да им вратам нешто и ми значеше многу.

ПОУКИ ОД ПОРАЗОТ СО ПСЖ: Губењето ве прави многу, многу скромен. Чувствувате болка, што не е убаво да се доживее на ова ниво, кога сте толку амбициозен во спортот, но тоа е дел од него и ве прави посилни. Предизвикот и целта е да учиме од тоа, така што беше подарок што можеме повторно да играме во финале на ЛШ. Убаво е што луѓето што ги среќавам, па дури и моето семејство и пријателите, зборуваат само за финалето во ЛШ. Но предизвикот сега е да се заборави успехот. Она што го бараме од нашиот тим, она што го бараме од себе, е да се рестартираме, да гледаме напред, да не испуштиме ниту еден процент од решителноста. Тоа е минато, а фокусот е на иднината.


Суперкуп: Челси – Вилјареал

На стадионот „Виндсор парк“ во Белфаст, вечерва (21 часот), пред најмногу 13.000 гледачи, ќе се одигра 46-от суперкуп-натпревар на Европската фудбалска унија (УЕФА), меѓу Челси, победникот во Лигата на шампионите (ЛШ), и Вилјареал, освојувачот на Лига Европа (ЛЕ) минатата сезона.
Фаворитската улога ја има Челси, кој има освоено седум европски трофеи, шест титули првак на Англија и осум ФА-купа. Вилјареал, освен триумфот во ЛЕ, има една титула во шпанската Трета лига во 1970 година и две победи во Интертото-купот, но на клупата го има Унаи Емери, кој дури четири пати го освојувал пехарот во ЛЕ (трипати со Севилја, еднаш со Вилјареал).
– Сакам да го освојам Суперкупот затоа што досега не ми успеало тоа. Играв два вакви меча, со Севилја во 2014 и 2015 година, и двата ги загубивме. Тоа би било одлично завршување на минатата сезона. Можеме уште еднаш да создадеме историја и да постигнеме нешто прекрасно пред новата кампања. Суперкупот ќе покаже за што сме способни против врвен тим како што е Челси, актуелниот европски шампион, и за мене најдобриот тим во светот – изјави Емери.
За Челси ова ќе биде петти суперкуп-натпревар. Досегашниот ефект е една победа, во 1998-та, против Реал Мадрид (1-0), и три порази, во 2012-та од Атлетико (1-4), во 2013-та од Баерн (2-2, на пенали 4-5) и во 2019 година од Ливерпул (2-2, 4-5). За Вилјареал ова е прв ваков меч.