Останува неизвесноста за трите преостанати града, Минхен, Билбао и Даблин, кои имаат рок до понеделник да се изјаснат за плановите во врска со бројката на гледачи на стадионите за време на ЕП

ФУДБАЛ

Европското првенство (ЕП) годинава ќе почне како што е предвидено, на 11 јуни во Рим, потврди Европската фудбалска унија (УЕФА) откако доби гаранции од Фудбалската асоцијација и од Владата на Италија дека ќе има гледачи на стадионот „Олимпико“.
– Властите гарантираат исполнетост од најмалку 25 проценти од капацитетот на стадионот. Со оглед на тоа, сметаме дека Рим е целосно потврден како место за одржување на турнирот – објави УЕФА.
На стадионот во Рим, кој е со капацитет од 68.000 места, треба да се одигра првиот меч на турнирот, Италија – Турција, на 11 јуни, како и другите натпревари на Италија во групата, со Швајцарија и со Велс, и еден четвртфинален дуел. УЕФА истакнува дека гледачите со билети за натпреварите во Рим, кои ќе пристигнуваат од странство, нема да бидат изземени од какви било ограничувања и забрани што ќе бидат во сила во тој период.
По ова, останува неизвесноста за трите преостанати града, Минхен, Билбао и Даблин, кои имаат рок до понеделник да се изјаснат за плановите во врска со гледачите. Според досегашните најави, бројот на гледачи на стадионите ќе варира од 25 до 100 отсто меѓу градовите и земјите-домаќини.