ФУДБАЛ

Европската фудбалска унија (УЕФА) го укина правилото за предност на тимот со повеќе постигнати голови на гости при вкупен нерешен резултат во нокаут-дуели, за клубови и за репрезентации. Измената почнува да важи од сезоната 2021/2022. Со тоа, сега при вкупен нерешен резултат по 180 минути игра, без разлика на постигнатите голови на гости, на мечевите ќе се играат продолженија, а ако одново биде реми, ќе се изведуваат пенали. УЕФА го воведе правилото во европските купови во сезоната 1965/66.
– Тие авторитети во УЕФА и во ФИФА сигурно не се бирократи, туку најдобри стручњаци и, секако, ваквата одлука не е донесена прекуноќ. Сигурно имало неколку пилот-програми во една или повеќе држави, пред да се донесе конечно решение. Според мене, ова правило е добра одлука, оти ако можеш да победиш со еден гол на гости, зошто да не го сториш тоа и на свој терен, а згора ќе има и помалку тактизирања и играње на резултат. Сепак, времето ќе биде негов најдобар критичар – вели македонскиот тренер Ѓоре Јовановски.

Гостинските голови ќе бидат отстранети и од критериумите користени за одредување на пласманот кога две или повеќе екипи се еднакви со освоените бодови во групната фаза, односно критериумите што се применуваат на натпреварите што ги играат соодветните тимови. Тие нема да бидат отстранети од дополнителните критериуми што се применуваат на сите натпревари во групите доколку екипите останат еднакви (поголем број голови постигнати на сите мечеви во групата), за да се задржи максималниот број на спортски критериуми, пишува УЕФА на својата интернет-страница.
– Оваа одлука требаше да биде донесена уште порано и, според мене, е на место. Едноставно и на гости и на домашен терен треба исто да се вреднуваат резултатите, односно головите. Сега сметам дека ќе биде многу поинтересно на теренот, а ќе има помалку тактика, која досега се базираше токму на головите постигнати на гости, иако можеби повеќе ќе има работа за судиите, во смисла повеќе продолженија ако резултатот е нерешен, па и изведување евентуални пенали – вели некогашниот македонски и меѓународен фудбалски судија, Емил Божиновски, сега УЕФА-контролор.

Статистички податоци од средината на 70-тите години на минатиот век, па досега покажуваат јасен тренд на континуирано намалување на јазот помеѓу бројот на победи дома и на гости и просечниот број голови на натпревар постигнат дома и на гости во машка конкуренција, а од 2010 година просечните голови по меч останаа многу стабилни во Лигата на шампионите за фудбалерки, пишува УЕФА.
– Правилото за голови беше суштински дел од натпреварувањата на УЕФА откако беше воведено во 1965 година. Сепак, прашањето за негово укинување се расправаше на разни состаноци на УЕФА во претходните неколку години. Иако немаше едногласност во ставовите, многу тренери, гледачи и други чинители на фудбалот ја доведоа во прашање неговата правичност и дадоа предност правилото да се укине. Влијанието на правилото сега е спротивно на неговата првична цел бидејќи, всушност, сега ги одвраќа домашните тимови, особено во првите мечеви, од напад, за да не примат гол што ќе им даде клучна предност на нивните противници. Исто така, има критики за неправедноста, особено во судиското продолжение, за обврската на домашниот тим да постигне двапати кога гостинскиот тим постигна еден гол. Фер е да се каже дека домашната предност денес не е веќе толку значајна како порано. Земајќи ја предвид конзистентноста низ Европа во однос на стиловите на игра и многу различни фактори што доведоа до пад на домашната предност, Извршниот комитет на УЕФА донесе правилна одлука за усвојување на ставот дека повеќе не е соодветно гол на гости да носи поголема тежина од тој постигнат дома – вели претседателот на УЕФА, Александер Чеферин.