Европската фудбалска унија (УЕФА) отвори официјална истрага против репрезентативецот на Австрија Марко Арнаутовиќ, поради инцидентот што го предизвика против Македонија на првиот меч од групата Ц на Европското првенство.
Арнаутовиќ упати навредливи зборови кон македонскиот репрезентативец Езџан Алиоски откако го постигна третиот гол за Австрија во 89-та минута од завчерашниот меч против Македонија. Австрискиот фудбалер вчера јавно се извини, истакнувајќи дека не е расисист, а и Алиоски истакна дека добил извинување од Арнаутовиќ веднаш по мечот.
– Според Членот 31 (4), од Дисциплинскиот правилник на УЕФА, одреден е етички и дисциплински инспектор, кој ќе отвори истрага за инцидентот во кој учествуваше Марко Арнаутовиќ, во текот на натпреварот Австрија-Македонија – наведе УЕФА во соопштението.
Доколку биде потврдено дека навредите биле расистички или етнички, Арнаутовиќ би можел да се соочи и со суспензија.