Чеферин и Ањели по потпишувањето на договорот

УЕФА и ЕКА потпишаа меморандум за разбирање до 2024 година според кој „ќе продолжат заеднички да работат на обезбедување благосостојба и стабилност на европскиот фудбал“

Европската фудбалска унија (УЕФА) барем во скоро време ги стави во мирување најавите за формирање европска суперлига со објавување на новата легислатива со која се заштитуваат националните шампионати најмалку до 2024 година, објави британски „Телеграф“. Заканите со формирање натпреварување меѓу најбогатите европски клубови, Реал, Барселона, Баерн, Јувентус, ПСЖ, како и англиските Арсенал, Челси, Ливерпул, Манчестер сити, Манчестер јунајтед и Тотенхем протекоа во јавноста лани во ноември. УЕФА одговори на тој потег со тоа што потпиша меморандум за разбирање со Европското здружение на клубови (ЕКА) до 2024 година.

– Врз основа на тесната соработка во текот на изминатите 11 години, меморандумот ја истакнува силната подготвеност на УЕФА и на ЕКА да продолжат заеднички да работат на обезбедување благосостојба и стабилност на европскиот фудбал – соопшти УЕФА, која донесе и одлука за укинување на правилото за пред­ност на тимот со повеќе пос­тиг­нати голови на гости.

Договорот се однесува на заштитата на интегритетот на играта и спречување на негативностите како што се насилството, местењето натпревари и допингот. Долгорочните цели се однесуваат на понатамошно развивање и развој на финансискиот ферплеј, како и подобрување на календарот на интернационални натпревари по 2024 година, за да се обезбеди поголема хармонизација и поделба помеѓу натпреварите во клупска и во национална конкуренција, како и овозможување одредени периоди за одмор и за подготовки на фудбалерите.

УЕФА е согласна да има и што повеќе претставници на клубовите во релевантни комисии, како и поголем удел на клубовите во структурите при донесувањето битни одлуки. Претседателот на ЕКА, Андреа Ањели, првиот човек на Јувентус, новиот меморандум го опиша како „важен момент во историјата на европскиот фудбал“.

Германскиот магазин „Шпигел“ претходно објави доверливи документи и електронски пораки во кои се наведува дека се разговарало за формирање суперлига со 16 тима од 2021 година и која би била замена за Лигата на шампионите (ЛШ) и надвор од контролата на УЕФА.

Според тие планови, 11 клуба од Шпанија, Англија, Германија, Италија и од Франција би имале сопственички влогови и членство во суперлигата во период од 20 години. Преостанатите пет клуба би добиле покани за настап во таа суперлига. Претседателот на Светската фудбалска федерација (ФИФА), Џани Инфантино, пак, тогаш најави дека на фудбалерите ќе им биде забрането да играат на Светско првенство (СП) доколку играат во отцепената суперлига. 


Чеферин едногласно реизбран oд УЕФА

Словенецот Александер Чеферин е реизбран за претседател на Европската фудбалска унија (УЕФА) во наредните четири години. Чеферин (51), кој е седмиот претседател и на чело на УЕФА е 2,5 години (од 14 септември 2016-та), беше единствениот кандидат. За него гласаа сите претставници на 55-те земји-членки на редовниот 43-ти конгрес на УЕФА во главниот град на Италија, Рим.


Инфантино е пред втор мандат во ФИФА

Како и Александер Чеферин за УЕФА, и Џани Инфантино ќе биде единствениот кандидат, но за прв човек на Светската фудбалска федерација (ФИФА) на изборите на 5 јуни годинава во Париз. За Инфантино тоа ќе биде втор мандат, откако го наследи Сеп Блатер во февруари 2016 година. Како противкандидат на Инфантино се спомнуваше поранешниот швајцарски фудбалер Рамон Вега, но тој не доби поддршка од најмалку пет од вкупно 211 национални асоцијации, членки на ФИФА. Л.Д.