На плановите на Светската фудбалска федерација (ФИФА) за новото натпреварување меѓу водечките светски клубови ќе ѝ се спротивстави Европската фудбалска унија (УЕФА), која смета дека тоа ќе ѝ наштети на Лигата на шампионите (ЛШ), пишуваат британски медиуми. На конгресот на ФИФА што се одржува во Кигали, Руанда, Џани Инфантино, претседателот на ФИФА, в петок треба да презентира две опции за новото клупско натпреварување.
Инфантино, кој ќе се кандидира за нов мандат идната година, треба да го претстави планот, кој ќе генерира заработка од над 20 милијарди евра преку два нови формата за натпреварувања, едниот на меѓународно ниво, а вториот за елитните клубови. УЕФА имаше заработка од над 4,3 милијарди евра во сезоната 2015/2016, благодарение и на Европското првенство (ЕП) во 2016 година. Но дури и во година без ЕП може да очекува профит од над 2,5 милијарди евра. Лани, на пример, УЕФА заработи 2,8 милијарди евра, што е повеќе од половина од 4,8-те милијарди евра што ги заработи ФИФА во четиригодишниот циклус од 2015 до 2018 година.
Тој предлага две опции. Првата е клупски турнир секои четири години, наместо Купот на конфедерациите што се одржува во земјата-домаќин на Светското првенство (СП) една година пред СП. Втората опција е годишен клупски турнир на лето, во јули и во август. ФИФА ветува дека ќе нема дополнителни натпревари во меѓународниот календар. Претседателот на УЕФА, Александер Чеферин, е дел од делегацијата на конгресот на ФИФА, како и Дејвид Гил, поранешниот главен извршен директор на Манчестер јунајтед, кој сега е потпретседател на УЕФА и на ФИФА. ФИФА се залага и за глобален формат на Лигата на нациите што годинава ја почна УЕФА.