Европската куќа на фудбалот ги повика националните асоцијации и лиги да ги истражат сите можни опции за да ги доиграат домашните првенства и на тој начин клубовите да се изборат за настап во европските натпреварувања. УЕФА сака сезоните да завршат на спортски начин, но ако не е можно тоа, таа на секоја лига, со одобрение од националната асоцијација, ѝ остава да одлучи за алтернативата
Извршниот комитет (ИК) на Европската фудбалска унија (УЕФА) ги одобри упатствата за тоа како ќе можат да се квалификуваат клубовите за Лигата на шампионите (ЛШ) и во Лига Европа (ЛЕ) за следната сезона. УЕФА ги повика клубовите и лигите да ги завршат првенствата, кога ќе биде безбедно да се направат тоа, но првпат ја „отвори вратата“ сезоните да завршат и на поинаков начин доколку биде потребно. УЕФА сака првенствата да завршат на најправеден, спортски начин, но доколку не е можно тоа, таа на секоја лига, со одобрение од националната асоцијација, ѝ остава да одлучи за алтернативата.
За Европската куќа на фудбалот и понатаму приоритет е завршување на домашните сезони на крајот на јули, како и во ЛШ и во ЛЕ, најдоцна до крајот на август. Доколку не можат да се завршат домашните сезони, на националните асоцијации останува да ги изберат клубовите што ќе играат во европските купови следната сезона.
УЕФА ги повика националните асоцијации и лиги да ги истражат сите можни опции за да ги доиграат домашните првенства и на тој начин клубовите да се изборат за настап во европските натпреварувања.
– Идеалното сценарио, доколку дозволи пандемиската ситуација, е да се завршат суспендираните натпревари, но доколку не биде можно тоа, поради проблемите во календарот, се претпочита домашните натпреварувања да се рестартираат со различен формат, на начин што сѐ уште би им овозможил на клубовите да се квалификуваат според спортски заслуги – се вели, меѓу другото, во соопштението на УЕФА.
Шпанската фудбалска асоцијација предложи местата да бидат распределени врз основа на клупскиот коефициент, со кој се пресметуваат постигнувањата во европските клупски натпреварувања во период од пет години. Во Англија има девет кола до крајот на сезоната, во Шпанија и во Италија, 11 односно 12 кола.
Останува името ЕП 2020 за да се задржи оригиналната визија за јубилејот
Европската фудбалска унија (УЕФА) потврди дека одложеното Европско првенство (ЕП) во 2020 година ќе го носи истиот назив, ЕП 2020, и покрај тоа што е преместено за 2021 година.
– Оваа одлука ѝ дозволува на УЕФА да ја задржи оригиналната визија на турнирот за да ја прослави 60-годишнината од првото ЕП.
Голем број брендирани материјали веќе беа произведени до моментот на одложување на турнирот и промената на името на настанот ќе значеше уништување и повторно производство на таквите предмети. Тоа треба да послужи за да се запамети како целото фудбалско семејство се обедини за да одговори на вонредните околности во тешките времиња во 2020 година – велат од УЕФА.