Во моментов 32-та клуба меѓу себе делат 2,1 милијарди евра, објави агенцијата „Асошиејтед прес“ (АП)

ФУДБАЛ

И покрај некои разлики во мислењата во врска со промените во Лигата на шампионите (ЛШ) од 2024 година, сите заинтересирани страни се согласуваат дека заработката на повеќе пари е неизбежниот пат напред. Генералниот секретар на Европската фудбалска унија (УЕФА), Теодор Теодоридис, говорејќи за време на состанокот на Европските лиги преку интернет, најави дека ќе има „значително зголемување“ на приходите од ТВ-правата кога новиот формат ќе стапи во сила. Во моментов во ЛШ, 32-та клуба меѓу себе делат 2,1 милијарди евра, објави агенцијата „Асошиејтед прес“ (АП).
– Без оглед на сѐ, очекуваме значително зголемување на приходите – рече Теодоридис.
УЕФА, која ги иницираше разговорите и преговорите поради заканите од елитните клубови дека ќе формираат своја суперлига, се надева оти планот ќе биде одобрен пред Конгресот на 20 април.

Планот е лига со 36-екипи, што значи четири клуба повеќе од сегашниот формат, загарантирани по 10 натпревари за секоја од 36-те екипи, против 10 различни противници со избалансиран распоред заснован врз рејтингот на тимовите. Првопласираните осум екипи ќе се пласираат во нокаут-рундата, а следните 16 ќе разигруваат во плејофот, со по два натпревара, за да се добијат преостанатите осум тима, вкупно 16 за осминафиналето.
Групацијата на европските лиги што ја сочинуваат 30 земји, соопшти дека претпочита екипите да играат по осум натпревари во првата рунда, односно 64, наместо по 10 или вкупно 100 натпревари.
Клубовите и лигите сѐ уште не се согласни за тоа како да се распределат четирите дополнителни места. ЕКА сака две места за клубовите со висок рејтинг кај УЕФА или „коефициент“, заснован врз историски резултати. Можно е бидат надградени тимови од второто по ранг натпреварување, Лига Европа (ЛЕ), или од новата треторангирана Лига на конференциите (ЛК). Европските лиги сакаат да бидат земени предвид и шампионите во националните лиги од среден ранг, пишува АП.

За клубовите што нема да се пласираат во ЛШ ќе бидат обезбедени 60 милиони евра како надомест. Европските лиги сакаат да се намали јазот при делбата на „богатството“, односно клубовите што нема да се квалификуваат за европските натпреварувања да добијат повеќе од сегашните четири проценти од УЕФА. Теодоридис рече дека УЕФА планира да го разгледува целиот модел на „солидарно плаќање“ од 2024 година и се надева дека ќе бидат опфатени повеќе клубови надвор од најбогатите земји.
УЕФА, исто така, планира ЛЕ и ЛК, која започнува од следната сезона, да бидат со формат сличен на ЛШ, со по 32 екипи што би играле со шест различни противници.