Фудбалската репрезентација на Македонија попладнево забележа убедлива победа над Казахстан со 4-0 на арената „Тодор Проески“ во Скопје, во вториот контролен натпревар пред деби-настапот на Европското првенство (ЕП) во групата Ц, во која се и селекциите на Австрија, Украина и на Холандија. Избраниците на Игор Ангеловски во вторникот ремизираа против Словенија 1-1 во првиот подготвителен дуел.
Езџан Алиоски го отвори резултатот од пенал вo 35-та минута, откако Елиф Елмас беше фаулиран во противничкиот шеснаесетник, додека Иван Тричковски го зголеми водството во 57-та минута на асистенција на Тихомир Костадинов. Милан Ристовски и Дарко Чурлинов ги постигнаа своите први голови во националниот дрес, во 74-та и во 75-та минута, откако влегоа во игра во второто полувреме. Казахстан остана со играч помалку на теренот кон крајот на првиот дел, по црвениот картон за Серикжан Мужиков поради опасен старт врз Стефан Ристовски.
Македонските фудбалери за Букурешт заминуваат во вторник, а првиот меч на ЕП ќе го играат со Австрија, на 13 јуни. Вториот натпревар, повторно во Букурешт, е против Украина, на 17 јуни. Третиот и последен меч во групата Ц е со Холандија, на 21 јуни, во Амстердам. Во осминафиналето на ЕП 2020 ќе се пласираат првите две селекции од шесте групи, како и четирите третопласирани репрезентации со најдобар ефект.