Германскиот стратег на клупата на Ливерпул, Јирген Клоп, конечно успеа да го освои трофејот во фудбалската Лига на шампиони (ЛШ) и со тоа да најде место меѓу многуте фудбалски великани кои ги предводеле „црвените“ од „Енфилд“. Ланскиот неуспех во финалето во Киев (пораз од Реал Мадрид 3-1), поразот во финалето на Лига Европа (ЛЕ) во сезоната 2015/2016 од Севилја исто така со 3-1, ја прават оваа победа на Клоп во овогодинешното финале во Мадрид уште повредна за Германецот, но и за Ливерпул, кој од 2005 година чека на европски трофеј.
Кога го замени Брендан Роџерс во 2015 година на кормилото на клубот кој некогаш го предводеле легндарните Бил Шенкли, Џо Фаган и Бил Пејсли, харизматичниот Германец на навивачите на Ливерпул им вети титула за четири години. Синоќа, Јирген Норберт Клоп го оствари своето ветување, иако и многу порано во својот мандат тој имаше можност да биде херојот кој го чекаше црвениот дел од градот.
Процесот на трансформација на клубот кој се обидуваше да престане да живее во минатото и да започне да игра во денешницата започна со првиот момент кога Клоп застана на аут-линијата и тргна карактеристично со своите прослави, натпревар по натпревар, да им нуди нова надеж на навивачите, но и на фудбалерите за нов трофеј во витрните на „Енфилд“.
На синоќешниот натпревар на „Ванда Метрополитано“ во Мадрид, германскиот стратег, се чини, го акумулираше сето искуство и сите порази во финалињата кои му тежеа на плеќите. Двата порази во финалиња во ЛШ, двата во Германскиот куп, финалето во ЛЕ и финалето во Лига купот на Англија, за Клоп беа потсетување дека ова финале против Тотехем ќе ја искрои иднината на неговата тренерско-менаџерска кариера.
Со поразот од Барселона и неможноста да се одржи чекор со Манчестер сити во Премиер-лигата, само неколку недели пред крајот на сезоната, изгледаше дека ова ќе биде уште сезона за заборав на „црвените“. Поразот од Барселона во првиот натпревар од двомечот на „Ноу Камп“ со 3-0 како да покажуваа дека од Ливерпул уште еднаш ќе мора да кажат – „следната сезона е наша“. Сепак, неверојатниот настап на „Енфилд“ во полуфиналето против Барселона го отвори патот до Мадрид (победа од 4-0), кој овојпат Клоп, заедно со Салах, Мане, Ван Дајк, Алисон и капитенот Хендерсон, беше сигурен дека успешно ќе го мине.
Освоените 97 бода во Премиер-лигата и второто место зад неверојатниот Манчестер сити и сега освоениот трофеј во ЛШ, Ливерпул отвори ново поглавје во својата вековна историја, навестувајќи нов подеми на подзаспаниот фудбалски гигант. А Клоп, со овој успех, вечно го врежа своето име до оние на Шенкли, Пејсли, Фаган и Рафаел Бентиез, кои претходно го носеа најпрестижниот трофеј на фудбалската игра за клубот со една од најголемите фудбалски традиции во светот.