Победниците на фудбалската Лига на шампионите (ЛШ) и во Лига Европа (ЛЕ) обезбедуваат место во групната фаза од ЛШ за идната сезона. Една земја може да има најмногу пет тима во ЛШ, па во случај, на пример, англиски екипи да триумфираат сезонава во Европа, а двете да не се меѓу првите четири во Премиер лигата, тогаш во ЛШ ќе се пласираат првите три тима од домашното првенство и двата победника во куповите на Европската фудбалска унија (УЕФА).
Ако, пак, победникот на ЛЕ обезбеди место во ЛШ и преку домашното првенство, тогаш директен пласман во ЛШ, според ранг-листата на УЕФА, ќе добие третопласираната екипа од првенството на Франција. Така беше во минатата сезона, кога во ЛЕ славеше Атлетико Мадрид и беше втор во Шпанија, па место во ЛШ доби Лион, како трет во Франција.
Полуфиналистите во ЛЕ сезонава немаат обезбедено место во ЛШ преку домашното првенство. Арсенал и Ајнтрахт се четврти, Челси е петти, а Валенсија е шеста. Така Лион, кој и сезонава е трет во Франција (во игра се и Сент Етјен и Марсеј), ќе се надева и на тоа победникот во ЛЕ да биде високопласиран и во домашното првенство.