Во новото натпреварување (под работен наслов Лига Европа 2), во групната фаза ќе има 32 екипи од најмалку 34 земји (моментно минималната загарантирана бројка е 26 земји-учеснички во европските купови)
Извршниот комитет на (ИК) на Европската фудбалска унија (УЕФА) даде зелено светло за новото, трето клупско натпреварување, што треба да почне да се игра од 2021 година. Во новото натпреварување (под работен наслов Лига Европа 2), според угледот на постојните, Лига на шампионите (ЛШ) и Лига на Европа (ЛЕ) во групната фаза ќе има 32 екипи распоредени во осум групи, по што ќе следува нокаут-фаза, од осминафинале до финале. Претходно, пред осминафиналето, ќе има уште една, дополнителна нокаут-рунда во која ќе разигруваат второпласираните екипи во осумте групи и третопласираните тимови во групите во ЛЕ.
Во новото натпреварување ќе се одигра 141 натпревар во текот на 15 натпреварувачки термини, исто како во ЛШ и во ЛЕ. Победникот во новото натпреварување ќе има право да настапи во ЛЕ следната сезона. Натпреварите ќе се играат во четвртоците, како и во ЛЕ (мечевите во ЛШ остануваат во вторник и во среда) со уште еден дополнителен термин за ограничен број натпревари, од 16.30 часот.
Сите финалиња во трите натпреварувања ќе се играат во истата недела: во среда, (новото натпреварување), во четврток (ЛЕ) и во сабота (ЛШ). Во новото натпреварување, во групната фаза, шанса да се натпреваруваат ќе имаат тимови од најмалку 34 земји. Сите земји-членки на УЕФА ќе имаат пристап до трите клупски натпревари и сите ќе ја задржат вкупната квота како и досега.
– Новото натпреварување ги прави клупските натпревари на УЕФА поотворени од кога и да е порано. Ќе има повеќе натпревари за повеќе клубови од повеќе земји во групните фази. Имаше голема побарувачка од многу клубови да добијат повеќе шанси за поредовно учество во европска конкуренција – изјави Александер Чеферин, претседателот на УЕФА.
Извршниот комитет на УЕФА покрај натпреварувачкиот формат за новото натпреварување ја усвои и минималната финансиска гаранција за сите клубови во ЛЕ во што е вклучено и новото натпреварување. Деталните системи за распределба на приходите и другите детали, како што се името на натпреварувањето, брендот, системот за коефициенти и комерцијалната стратегија ќе бидат финализирани во текот на 2019 година.
Како дел од натпреварувачкиот циклус 2021-2024, и во ЛЕ ќе биде воведен дополнителна нокаут-рунда пред осминафиналето во која ќе разигруваат второпласираните тимови во групите и третопласираните во ЛШ. Во ЛШ ќе нема никакви промени во форматот и во системот на натпреварување.
Третиот куп ќе биде шанса и за македонските клубови. Деталите за квалификациите не се прецизирани, но се претпоставува дека, според принципот со ЛШ и со ЛЕ, екипите што ќе стигнат до завршните кола од квалификациите за Лига Европа можеби би добиле место во ЛЕ2, што ќе значи најмалку шест европски меча и можност за дополнителна заработка.