Англискиот премиерлигаш Тотенхем со евентуално освојување на титулата европски првак ќе влезе и на листата со клубови што победиле во сите три купа на Европската фудбалска унија (УЕФА) – Лигата на шампионите (порано Куп на шампионите), Лига Европа (порано Куп на УЕФА) и укинатиот Куп на победниците на куповите (КПК).
Тимот од Лондон во 1963 година победи во КПК, а потоа славеше и во Купот на УЕФА, во 1972 и во 1984 година. Така, на Тотенхем во витрините му недостига само уште трофејот од најсилното европско клупско натпреварување.
Со триумфи во сите три купа на УЕФА можат да се пофалат пет клуба, и тоа Јувентус (во ЛШ победи двапати, еднаш во КПК, и трипати во ЛЕ), Ајакс (4-1-1), Баерн (5-1-1), Челси (1-2-2) и Манчестер јунајтед (3-1-1). Од сите нив, Јувентус прв ги комплетира хеттрик-трофеите, со победата во ЛШ во 1985 година, а другите откако го освоија пехарот во ЛЕ (Ајакс во 1992 година, Баерн во 1996-та, Челси во 2013-та и Манчестер јунајтед во 2017 година).
Другиот финалист во ЛШ сезонава, Ливерпул, има пет триумфи во ЛШ и два помалку во ЛЕ, но ниту еден во КПК, кој пред 20 години се спои со ЛЕ.
Тотенхем е во позиција како Ливерпул во 1977 година
Тотенхем ќе дебитира во меч од финалето на фудбалската Лига на шампионите (ЛШ), со што по 22 години дебитант може да стане европски првак. Досега 15 клуба славеле во своето прво појавување во финале, и тоа Реал Мадрид (1956, прво финале воопшто), Бенфика (1961), Интер (1964), Селтик (1967), Манчестер јунајтед (1968), Феенорд (1970), Баерн (1974), Ливерпул (1977), Нотингем форест (1979), Астон вила (1982), Стеауа (1986), Порто (1987), ПСВ (1988), Црвена звезда (1991) и Борусија Дортмунд (1997). Само два клуба со повеќе од едно одиграно финале имаат стоотстотен учинок, и тоа Нотингем форест (славеше во 1979 и во 1980 година) и Порто (1987 и 2004).
Шест нови земји ќе имаат фудбалери европски прваци
По вечерашното финале Тотенхем – Ливерпул во Лигата на шампионите (ЛШ) во Мадрид, шест нови земји ќе имаат фудбалери, прваци на Европа. Наби Кеита од Ливерпул и Виктор Ванјама од Тотенхем, се од Гвинеја, односно Кенија (иако Кеита, најверојатно, ќе го пропушти мечот поради повреда). Садио Мане од Сенегал, Мохамед Салах од Египет, Хеунг-Мин сон од Кореја, како и Давинсон Санчез, кој е од Колумбија, ќе бидат првите фудбалери од тие земји освојувачи на титулата европски шампион.
Досега фудбалери од 48 земји ја освојувале европската клупска титула. Од првото финале во 1956 година, 1.050 играчи од 63 држави играле во финалето (некои од нив повеќепати). Италија има најмногу играчи финалисти (147), но вечерва нема италијански играчи во редовите на двата финалисти. Тоа значи дека Шпанија би можела да се израмни со нив доколку Алберто Морено (Ливерпул) добие шанса за настап.