Филиповски целата своја кариера ја помина во Работнички, со кој настапуваше во Втората лига и во МФЛ. Тој беше голгетер на тимот, а една година беше и прв стрелец во Втората лига, источна група. Како функционер беше претседател на ФСМ и на ФСЈ, на чие чело остана до распадот на поранешна Југославија
ОД РЕПОРТЕРСКИОТ БЕЛЕЖНИК НА ЗОРАН МИХАЈЛОВ: СЕРИЈАЛ ЗА ВЕЛИКАНИТЕ НА МАКЕДОНСКИОТ СПОРТ (190)
Нема сомнение дека една од најголемите легенди, ако не и најголема легенда, на ФК Работнички е Томче Филиповски. Тој близу 18 години ги бранеше боите на клубот од Дебар Маало, беше негов прв стрелец, но во ниту еден момент не помисли да ја смени клупската боја. Целата своја кариера му остана верен на Работнички, за кој одигра 633 меча (330 првенствени и 43 во Купот) и постигна 225 гола на првенствените и на куп-натпреварите. Филиповски стана синоним на Работнички, во чие време беа испишани најубавите страници на популарниот клуб. Тој беше еден од ретките фудбалери што беа способни да играат на сите позиции. Тоа е особина на врвните мајстори на зелениот терен, па затоа секогаш беше особено ценет од сите тренери, кои во неговиот долг фудбалски век доаѓаа и заминуваа од Работнички. Сепак, најмногу му лежеше улогата на офанзивец, по што стана препознатлив не само во Македонија туку и на просторите на поранешна Југославија. За него противничките тренери секогаш подготвуваа тактика како да го задржат, за да не дојде во позиција да бие кон голот. Но во тоа ретко успеваа, зашто Томче беше толку итар играч, кој дури и кога беше во тешка позиција знаеше да ги измами своите чувари и да постигне ефектни голови, од кои специјалност му беа оние со „ножички“. За неговите реализаторски способности говори и податокот дека во кариерата дури шест пати постигна хет-трик, а исто толку пати постигна и по четири гола на еден меч. Сето ова најубаво зборува каков голгетер беше дебармаалецот, кој стана вистинска легенда и синоним на својот клуб.
ПОЧЕТОК КАКО КОШАРКАР
Во 50-тите години од минатиот век, од екипните спортови најпопуларен беше фудбалот, кошарката имаше каква-таква традиција, а малиот ракомет, кој го замени големиот што се играше на фудбалски терен, тукушто ги правеше првите чекори.
– Иако немам некоја височина, почнав како кошаркар. Игралиштето беше покрај фудбалскиот терен, на местото каде што денес е салата на КК Работнички. Некако најлесно ми беше да почнам да играм кошарка, зашто на теренот постојано имаше некој, а и да немаше, можев сам да се забавувам и да шутирам кон кошот. Гледајќи ме како постојано сум на кошаркарското игралиште, тренерот Стефан Тодоровски-Цефи еден ден ми рече да дојдам во ККР и да тренирам со младинците. Така, мојата спортска кариера почна со кошарката, иако ние дебармаалците, со оглед на тоа што живееме блиску до Градскиот стадион и до паркот, каде што беа лоцирани спортските терени, имавме шанса да се занимававме со сите спортови, сметајќи го тука тенисот и кајакот. Но, ете, јас почнав со кошарката, иако, рака на срце, најмногу ме привлекуваше фудбалот. Еден ден, сепак, се осмелив и не знаејќи како ќе реагира, дојдов кај тренерот Цефи и му реков дека сакам да останам во ЖСД Работнички, но не во кошаркарскиот, туку во фудбалскиот клуб. Тој, кој меѓу другото беше и голем педагог, ја сфати мојата желба, а можеби и оцени дека во фудбалот повеќе ќе напредувам, не се противеше, дури и ми препорача да го сторам тоа – вели Томче.
Тука беше крајот на уште непочнатата кошаркарска кариера, а веќе Томче заплива во фудбалските води, во кои ја помина сета младост.
– Кога дојдов во младинците на Работнички, тренер ни беше Христо Христовски-Мулац, човек што беше посветен на фудбалот и долго време беше во него, но, што е интересно, преферираше да работи со младите категории. Тој има голема заслуга што ги научив основните елементи во фудбалската игра. Дотогаш мислев дека знам сѐ во фудбалот, но откако почнав да тренирам со Мулац, дури тогаш видов колку финеси ми недостигаат. Со него, не само јас туку сите младинци многу научивме. Во тој период Работнички беше расадник на талентирани и квалитетни млади фудбалери. Потврда за ова е што во сезоната 1957/1958 станавме младински прваци на Македонија, а следната сезона бевме освојувачи и на Купот – вели тој.
МЛАДИНЦИТЕ ПРЕКУНОЌ СТАНАА ПРВОТИМЦИ
Сениорската екипа на Работнички, поради недостиг од средства и несредени односи во клубот, доживуваше криза и испадна од Втората лига. Тогаш многу од играчите си заминаа, а во екипата останаа само двајца од стандардните првотимци. Немајќи друг излез, а и пари, Управата реши да им даде шанса на младинците што во својата конкуренција веќе се докажаа.
– Така, неочекувано брзо нам, на младинците, ни беше отворена вратата на првиот тим. Тогаш, меѓу другите си заминаа носителите на играта Дабетиќ, Поповиќ, Петкоски и уште неколкумина, па прекуноќ дури деветмина младинци бевме прекомандувани во сениорскиот тим. Покрај мене, тука беа голманот Гилевски, потоа Јаневски, Стојков, Геговски, Стојановски, Хрњак, сите ние за кратко време станавме незаменливи во сениорскиот тим. Од постарите останаа само Жерновски и Стефановски, кон кои гледавме со респект и многу ги почитувавме. Меѓутоа, почетокот во Македонската лига беше разочарувачки. Прво загубивме од Брегалница со 3-0, потоа дојдоа уште два пораза. Си помисливме, ништо од нас, ќе испаѓаме. Но во четвртиот натпревар го победивме Тиквеш, тоа како да нѐ охрабри и „колата“ тргна нагоре. На крајот, првенството го завршивме на четвртата позиција, што беше големо изненадување за целокупната фудбалска јавност. Сите го знаеја Работнички, традицијата беше на негова страна, но никој не веруваше дека со нас, кои уште бевме „неиспилени“ и кревки фудбалери, предводени само од двајца поискусни играчи, ќе го заврши првенството на толку висока позиција. Во следните години, токму врз нас се базираше играта на Работнички, кој и понатаму беше фактор во македонскиот фудбал – продолжува Томче Филиповски.
ФОРМИРАН ТИМ СО ВТОРОЛИГАШКИ КВАЛИТЕТИ
Со неколку освежувања и засилувања, од кои најголемо беше охриѓанецот Војче Спасовски, Работнички созреваше и ги најавуваше своите второлигашки амбиции. Конечно дојде и тој момент кога тимот беше формиран и ги имаше сите квалитети за влез во Втората лига.
– Неколкугодишната желба ми се оствари во сезоната 1965/1966. Дотогаш од повеќе објективни причини не можевме да очекуваме брзо враќање меѓу второлигашите. Прво во 1962 година беше големата поплава, која ја оштети нашата инфраструктура, а сето тоа беше доуништено и од земјотресот една година подоцна. Но не се предававме, верувавме во себе. Јас веќе го имав потребното искуство, а станав голгетер и капитен на тимот, со што моите обврски се зголемија. Некако чувствував дека мора на секој меч да постигнам гол, зашто навивачите и соиграчите го очекуваа тоа од мене. Така, по неколку тешки и турбулентни години, во сезоната 1965/1966 ни се укажа шанса за влез во Втората лига. Бевме први во МФЛ, но нѐ очекуваше „мајсторка“ со Рудар од Плевље. Првиот меч на Градски во Скопје беше исполнет со нервоза. Поведовме со 1-0, но никако да се обезбедиме и да постигнеме втор гол. Тогаш беше досуден пенал за нас. Бидејќи бев задолжен за изведување на пеналите, ја зедов топката, ја наместив, се залетав и промашив. Верувајте, тоа ми беше прв и последен промашен пенал во мојата кариера. Во реваншот беше, за наше изненадување, многу полесно. Војче Спасовски постигна два гола, јас уште три, па постигнавме уште еден и, така, со 6-0 го декласиравме Рудар и станавме второлигаши. Потоа, не само што бевме стандардни во второлигашката конкуренција туку игравме и значајна улога – вели Филиповски.
За тоа како течеше понатаму кариерата на најдобриот стрелец во историјата на ФК Работнички, Томче Филиповски, ќе читате идната недела.
ТОМЧЕ ФИЛИПОВСКИ
Роден: во 1941 година во Белград
Кариера: ФК Работнички и репрезентација на Македонија
Успеси: со Работнички првак во МФЛ, пласман во Втората лига и нејзин прв стрелец во сезоната 1971/1972, одиграни 633 средби, постигнати 225 гола (на првенствените и на куп-средбите), со Македонија освоен аматерскиот Куп на Југославија, четврти на ранг-листата на најдобри фудбалери во Македонија во 1966 година, трет во 1967 година
Функционер: претседател на ФСМ од 1986 до 1988 година, од 1988 година до распадот на поранешната држава претседател на ФСЈ, учесник на ЛОИ 1988 во Сеул и на СП 1990 во Италија