Ласа Ченгту одигра само два натпревара во тибетската престолнина, која се наоѓа на надморска височина од 3.650 метри, и во двата наврата судијата мораше да го прекинува натпреварот на секои 15 минути за да им овозможи на играчите да вдишуваат кислород
Првиот и единствен професионален фудбалски тим во Тибет, Ласа Ченгту, е последниот во низата кинески клубови што престана да функционира. Ласа Ченгту одигра само два натпревара во тибетската престолнина Ласа, која се наоѓа на надморска височина од 3.650 метри, и во двата наврата судијата мораше да го прекинува натпреварот на секои 15 минути за да им овозможи на играчите да вдишуваат кислород од боци, соопшти новинската агенција „Ксинхуа“.
Од основањето во 2017-та, тимот одигра само пет натпревари во Тибет и наместо таму, мечевите минатата година ги играше во Дежанг, во провинцијата Сечуан, оддалечен повеќе од 2.400 км од Ласа. Ласа Ченгту, кој лани беше 26-ти меѓу 32 екипи во третата фудбалска дивизија, е 17-от клуб што го напушта кинескиот професионален фудбал годинава поради финансиските проблеми, соопшти „Глобал тајмс“.
Пропаста на клубот, три години откако беше основан, е удар врз надежите Тибет да има тим во професионалните лиги и врз желбата на официјална Кина Тибетанците да се чувствуваат поинтегрирани.
Фудбалерите на Ласа Ченгту тренираа и беа домаќини на натпреварите во други делови на Кина, но посакуваа да се вратат на Тибет. Но кинескиот фудбалски сојуз, наводно, нема да санкционира игри на голема надморска височина поради загриженоста за безбедноста на играчите. Имаше тврдења дека за време на еден натпревар во Ласа, шестмина играчи од гостинскиот Шенжен Пенгченг морале да излезат од игра бидејќи се пожалиле на височинска болест.
Клубот соопшти дека друга причина за распуштањето биле правилата на фудбалската асоцијација на Кина, според кои се забрануваат имиња на корпорации. Тимот беше познат и како „Ласа урбани градежни инвестиции“, според најголемата компанија во Тибет.
Фудбалот има долга историја во Тибет, откако пристигна во оддалечениот регион со британската армија на почетокот на 20 век.