Од денеска се играат мечевите од 5-то коло во квалификациите за ЕП 2020, а досега седум репрезентации се без загубен бод, и тоа Англија од два меча, Германија од три, а С. Ирска, Шпанија, Полска, Белгија и Италија од по четири натпревари
Квалификациите за фудбалското Европско првенство (ЕП) во 2020 година стигнуваат до половината, откако мечевите продолжуваат денеска, со првите дуели од 5-то коло, во кое Македонија гостува (20.45 часот) кај Израел, во групата Г. Досега седум репрезентации имаат максимален ефект, без загубен бод, и тоа Англија од два меча, Германија од три, а Северна Ирска, Шпанија, Полска, Белгија и Италија од четири натпревари. Од нив без примен гол е Полска (гол-разлика 8-0).
Од десетте квалификациски групи на ЕП ќе се пласираат првите две селекции од секоја група. Преостанатите четири места ќе бидат пополнети в година со победниците на плејофите од Лигата на нациите, за лигите А, Б, Ц и Д. Ако некоја од репрезентациите полуфиналисти во Лигата на нациите обезбеди место на ЕП низ квалификациите тогаш таа ќе ѝ го препушти местото во плејофот на следната најдобра селекција од соодветната лига.
Засега место во плејофите имаат Португалија, Швајцарија, Англија, Холандија (лига А), Украина, Шведска, БиХ, Данска (лига Б), Шкотска, Финска, Норвешка, Србија (лига Ц), Македонија, Косово, Грузија и Белорусија (лига Д). Од нив во групите од квалификациите за ЕП 2020 засега води репрезентацијата на Украина (група Б).
Континенталното првенство в година ќе има 12 земји-домаќини, во годината кога ЕП слави 60 години од првото првенство. Групната фаза треба да се игра во Рим, Баку (група А), С. Петербург, Копенхаген (група Б), Амстердам, Букурешт (група Ц), Лондон, Глазгов (група Д), Билбао, Даблин (група Е), Минхен и во Будимпешта (група Ф).
Потоа, осминафиналињата се предвидени да се играат во Лондон, Копенхаген, Букурешт, Амстердам, Даблин, Билбао, Глазгов и во Будимпешта, четвртфиналињата во Минхен, Баку, С. Петербург и во Рим, а полуфиналињата и финалето во Лондон (стадион „Вембли“).