Фото: Игор Бансколиев

Средбата треба да се одигра на 29 мај во Скопје. Репрезентацијата од 8 јуни треба да се подготвува во Букурешт, пред мечевите од групата Ц на ЕП 2020, со Австрија (13 јуни), Украина (17 јуни) и со Холандија (21 јуни)

ФУДБАЛ

Репрезентацијата на Македонија ќе одигра контролен натпревар против селекцијата на Словенија, на 29 мај во Скопје, во рамките на подготовките за деби-настапот на Европското првенство (ЕП), информираат од Фудбалската федерација на Македонија.
Македонската фудбалска експедиција треба да отпатува за Букурешт на 8 јуни каде што ќе ги реализира завршните подготовки за натпреварите на ЕП, во групата Ц, со репрезентациите на Холандија, Украина и на Австрија. Првите два меча, со Австрија (на 13 јуни) и со Украина (17 јуни), Македонија треба да ги одигра во Букурешт, на националната арена, а третиот против Холандија (21 јуни) во Амстердам, на арената „Јохан Кројф“.
Со вчерашниот тест-меч против прволигашот Работнички заврши тридневниот минитренинг-камп што го организира селекторот Игор Ангеловски со неговите помошници. На кампот беа дваесетина фудбалери од домашното првенство и неколкумина од странство, кои добија дозвола од клубовите да бидат дел од тренинг-кампот. Целта на овој собир беше, како што изјави селекторот Ангеловски, „да се дополни главниот репрезентативен список со фудбалери што ќе остават силен впечаток на тренинзите и на контролниот натпревар“.