Напаѓачот на Норич, кој беше најефикасен лани во Чемпионшип со 29 гола, на првите две кола во Премиер-лигата веќе постигна четири гола (еден хет-трик)
За разлика од многуте фудбалски трансфери што се поврзани со огромни суми пари (клуб – клуб, клуб – играч итн.), има и такви кога клубовите ангажираат играчи, т.н. „слободни агенти“, без никакво обесштетување, и за релативно мала плата, и кои се покажале како полн погодок.
Еден од таквите е трансферот на Финецот Тему Пуки (29), напаѓачот на Норич кој по првите две кола во Премиер-лигата е во фокусот на вниманието на фудбалската јавност во Англија. Тој му даде гол на Ливерпул на првиот меч (1-4), а на вториот, против Њукасл (3-1), дома постигна хет-трик! Тој е првиот фудбалер во историјата на Премиер-лигата што дава четири гола на првите два настапа во оваа конкуренција и првиот играч на Норич што постигнува хет-трик во Премиер-лигата, по Ефан Екоку во септември 1993. Од почетокот на ланската сезона во Чемпионшип па досега, Пуки има дадено 33 гола, најмногу од сите играчи во четирите најквалитетни лиги на Англија.
– Ни на сон не замислував дека еден ден ќе ми се случи вакво нешто. Ова беше еден од најдобрите натпревари што ги одиграв во англискиот фудбал. Хет-трик во Премиер-лига, пред неколку години не ни помислував на такво нешто. Во фудбалот има многу, многу пари, трансферите се сѐ поголеми. Јас не го чинев Норич ни пени, и мислам дека завршија добра работа со мене – вели Пуки.
Финецот Пуки дојде во Норич во јули 2018-та, како слободен играч, откако доби отказ во данскиот Брондби, а ланската сезона постигна 29 гола, плус девет асистенции.
Во тинејџерските години Пуки кратко време мина во Севилја, во Хелсинки, па во Шалке и во Селтик, во 2013-та. Таму не се покажа најдобро, по што замина во Брондби на заем, потоа и за постојано. За данскиот тим, Пуки одигра 130 првенствени меча и даде 55 гола, но доби отказ. Откако мина во Норич, Пуки како да „експлодира“ во Чемпионшип, беше незапирлив и на 48 меча во сите конкуренции постигна 34 гола или по еден на секоја 121 минута. Пред да дојде во Норич, Пуки даваше 0,38 гола по меч, а за „канаринците“ 0,73. Зделка на сезоната за Норич, на деценијата!?
– Неговата приказна е неверојатна. Дојде од никаде и даде 29 гола лани во Чемпионшип, ниту еден од пенал. Ова е како во сон, за неверување – вели Дени Марфи, стручниот коментатор на Би-би-си.