„Интел“ на стадионите на Арсенал, Ливерпул и на Манчестер сити ќе инсталира најсовремена технологија, преку која наскоро ТВ-гледачите ќе можат да уживаат во највозбудливите моменти од мечевите, од секој агол, во живо

Замислете да го гледате решавачкиот момент во сезоната, а потоа да можете да го видите од секој можен агол, од перспектива на омилениот играч додека се подготвува да шутира пенал или, пак, да ја исфрли топката од гол-линијата. Американската електронска корпорација „Интел“, во партнерство со премиерлигашите Арсенал, Ливерпул и Манчестер сити, на нивните стадиони ќе ја инсталира најсовремената технологија „тру вју“.

Преку неа нивните навивачи низ целиот свет ќе можат да уживаат во највозбудливите моменти од натпреварите, од секој агол, во живо, по мечот преку официјалната клупска интернет-страница, преку мобилната апликација на нивните телефони или преку социјалните медиуми.

Станува збор за своевидна матрикс-технологија за 360-степенски снимки направени со помош на 38 5К-камери со ултрависока резолуција што ќе го фатат она што „Интел“ го опишува како „волуметриски податоци“, кои неговите сервери потоа ќе го процесираат во тридимензионални повторени снимки од секој агол. Планирано е „тру вју“ да почне да се применува од 10 март на мечот Ливерпул – Барнли, во периодот кога трката за шампионската титула во Премиер-лигата ќе кулминира.

„Тру вју“ веќе се користи во САД, последните три сезони во НФЛ (американски фудбал), во НБА и НЦАА (кошарка) и во бејзбол-лигата (МЛБ), а го користат и клубови во шпанската Ла лига, како Барселона, Реал, Атлетико и Севилја. Стручните коментатори (главно познати поранешни фудбалери) на Скај и на БТ спорт што ги имаат правата за преноси на мечевите во Премиер-лигата веќе уживаат во луксузот да можат да ги анализираат спорните ситуации од неколку агли, дел по дел. Сега тие ќе можат да го прават тоа од приближна позиција на играчите или на судијата.

Системот „Ласерски ѕид“ најверојатно ќе го користат при процената дали имало офсајд, односно за позиционирањето на играчите. Апликацијата „Бидете играч“ ќе нуди поглед од птичја перспектива, како играчот ја контролира топката, за одлуката што ја донел, а ќе служи и за објаснување на тактичките финеси. Ова е совршено за загрижените навивачи, бидејќи им овозможува да ги видат случувањата на теренот од перспективата на Лионел Меси, Кристијано Роналдо или на други играчи. Главниот комерцијален директор на Ливерпул, рече дека „тру вју“ треба да им понуди на навивачите сосема ново искуство.

– Веќе видовме некои примери слични на видеоигри, но ова ќе се применува на вистински натпревари и на начин на кој навивачите ќе можат да видат што се случува на теренот преку очите на играчот. Способноста да се чувствувате како да сте на теренот е нешто навистина возбудливо – вели Хоган.

Но, за разлика од навивачите на НФЛ-мечевите во САД, кои имаат пристап до свежо произведените снимки, дома или од нивните места во стадионот, оние во Англија засега ќе ја немаат таа можност. Правилата во Премиер-лигата забрануваат прикажување снимки од спорните моменти на големите семафори на стадионите. Ограничувања на локалните ТВ-дифузери на клубовите не им дозволуваат да ги емитуваат најинтересните моменти од натпреварите и неколку часа по завршувањето.

Сепак, истражувањата на клубовите покажуваат дека има огромен апетит за ваква содржина – дури и ако не се испорача веднаш.

Спортската индустрија е во период на значителни промени што се однесуваат на потрошувачите, во врска со технологијата, лигите и брендовите, за да се задоволат барањата и очекувањата на навивачите. Во 2018 година, на пример, инвестициите во технолошките иновации во спортот достигнале речиси една милијарда долари. 


Судиите ќе немаат корист од технологијата

Едно од прашањата е дали овие снимки ќе им бидат од помош на судиите за да се осигурат дека нивните одлуки се правилни. Одговорот, засега, е не. Премиер-лигата реши да воведе видеоасистент-судија (ВАР) од следната сезона. Но „тру вју“ би требало да помине низ процес на проверка кај ФИФА во текот на најмалку две години, пред да може да се разгледува опцијата за негова примена. Дури и да го помине тој филтер, во Англија не ќе може да се користи, бидејќи, според постојните регулативи, Премиер-лигата не дозволува ВАР да употребува компјутерски снимки.