ФА на Англија планира наскоро да го ограничи удирањето топка со глава на тренинзите за фудбалерите до 18 години, а минатиот месец „Би-би-си“ објави дека шкотската ФА сака да им забрани на децата до 12 години да ја удираат топката со глава на тренинзите. Во САД од 2015-та постои забрана децата до 10 години да ја удираат топката со глава, а тие на возраст од 11 до 13 со многу помал интензитет
Фудбалската асоцијација на Англија (ФА) планира наскоро да воведе нови упатства со кои ќе се ограничи удирањето топка со глава на тренинзите за играчите до 18 години. Новите упатства, како што пренесува дневниот весник „Тајмс“, допрва треба да бидат прецизирани, но најверојатно ќе нема целосна забрана.
Упатства се очекува да бидат објавени до крајот на месецов, а ќе се применуваат само на тренинзите, не и на натпреварите. Во минатиот месец „Би-би-си Шкотска“ објави дека Шкотската фудбалската асоцијација сака да им забрани на децата до 12 години да ја удираат топката со глава на тренинзите.
Студијата направена од Универзитетот во Глазгов, нарачана од ФА и од Здружението на професионални фудбалери (ПФА), објавена лани во октомври, ги открила првите врски помеѓу професионалното играње фудбал и смртта од деменција. Студијата покажала дека за поранешните професионални фудбалери веројатноста да починат од дегенеративно заболување на мозокот е три и пол пати поголема отколку за луѓето на иста возраст во општата популација.
– Самостојна работна група за истражувања на ФА разгледа можни промени во тренинзите на сите нивоа за да се намалат опасностите и последиците од удирањето на топката со глава, без да се загрози техниката. Битно е фудбалот да стори сѐ за да разбере што е тоа што предизвикува несакани последици за да се обезбеди заштита на идните генерации фудбалери – рече во декември, два месеци по објавувањето на наодите во студијата, шефот на лекарскиот тим на ФА, Шарлот Коуви.
Во САД од 2015 година постои забрана децата до 10 години да ја удираат топката со глава, а тие на возраст од 11 до 13 со многу помал интензитет.
Студијата почна по тврдењата дека поранешниот напаѓач на Вест Бромвич, Џеф Естл починал поради траума на главата. Поранешниот англиски фудбалски интернационалец развил деменција и починал во 2002 година, на 59-годишна возраст. Истрагата за неговата смрт пронашла дека удирањето на тешката кожена топка со глава имало голем удел за траумата во неговиот мозок.