Стојановски ја заврши својата кариера како активен фудбалер во 1980 година, кога со Работнички триумфира во МФЛ. Тој потоа ја продолжи кариерата како судија, каде што стигна до врвот и стана меѓународен арбитер

ЃОКО СТОЈАНОВСКИ (2)

Долг е фудбалскиот живот на еден од легендарните играчи на скопски Работнички, Ѓоко Стојановски. По првите фудбалски чекори во школата на Вардар, под тренерската палка на Дончевски и на Божиновски, како што се очекуваше од еден дебармаалец, тој си дојде во клубот од неговото маало, Работнички. Причини за ова имаше повеќе, но две беа од решавачко значење. Имено, неговиот татко Благоја од основањето на ФК Работнички, што се однесува до организациски работи, беше алфа и омега во него, а синот Ѓоко, кој сериозно уште како младинец зачекори на фудбалскиот терен, својата шанса за напредок, откако виде оти во Вардар поради големата конкуренција тешко ќе дојде до првотимскиот дрес, својата шанса за напредок и за афирмација ја најде токму онаму каде што припаѓаше, во ФК Работнички.
– Практично од овде, од доаѓањето во тимот на „железничарите“ почна мојот вистински фудбалски живот. Оваа средина повеќе ми одговараше и сметав дека во неа можам максимално да ги искажам моите квалитети. Шансата веднаш ми беше дадена и од првите моменти во 1970 година, па во следните 10 години бев стандарден на позицијата на „дупли“ центархалф. Во тој временски интервал, поради одење во ЈНА, една сезона заиграв за Напредок од Кичево, градот во кој го служев воениот рок. Така, повторно бев на фудбалскиот терен и едногодишното отсуство воопшто не го почувствував – вели Стојановски.

ГОЛЕМОТО СЕМЕЈСТВО НА ЖСД РАБОТНИЧКИ

Работнички како клуб со долга традиција, иако и тој имаше осцилации, сепак, беше еден од најстандардните и најконстантните на македонската фудбалска сцена. Можеби токму поради тоа, клубот беше привлечен за младите фудбалери од целата Република, кои сакаа да заиграат за него. Неоспорно е дека Вардар беше најголемата „мамка“, но и Работнички беше интересен, особено за оние момчиња од внатрешноста, кои покрај тоа што преку фудбалот ја бараа својата егзистенција, сакаа и да го продолжат школувањето на некој од факултетите на скопскиот универзитет.
– Така се случуваше кај нас, во Работнички да дојдат веќе готови играчи од другите клубови, кои го креваа квалитетот на играта. Сакам да истакнам дека и во нашиот клуб имаше голема конкуренција, така што морав постојано да се борам за да ја зачувам мојата позиција во тимот. Имаше периоди на криза, но таа брзо минуваше. Другарството во клубот, во тие моменти, беше она што, не само мене туку и кај другите играчи, придонесуваше кризата брзо да биде надмината. Некогаш беше очигледно дека некому не му оди, но затоа, пак, ние другите играчи бевме тука да помогнеме. Ете, и ова беше една од главните карактеристики на Работнички. Интересно е дека ова не се однесуваше само на фудбалскиот, туку и на сите други клубови од семејството на ЖСД Работнички. Сите бевме како еден, дали е некој атлетичар, кошаркар, ракометар, мечувалец или фудбалер. На шега знаевме да кажеме дека сите ние сме „железничари“ и си помагавме меѓу себе – вели тој.
Фудбалерите на Работнички, пак, во тие десет години, кога Стојановски настапуваше, најчесто играа во Втората лига, исток.

– И тука конкуренцијата беше силна, речиси како во Првата лига, па затоа постојано требаше да бидеме подготвени да им парираме на ривалите, кои или бркаа прво место за влез во елитата или се бореа за опстанок. Со нас ситуацијата беше различна, некогаш бевме на врвот и на чекор до Првата лига, за потоа да „потонеме“ и да се бориме за опстанок. Сево ова беше врзано со финансиите, како што впрочем беше со сите клубови во тоа време. Оние што ќе се обезбедеа финансиски напредуваа, другите се бореа за „гол живот“. Работнички од тој аспект беше некаде на средината. Но без оглед каде и да се наоѓавме на табелата, секогаш бевме привлечни за гледачите зашто демонстриравме убав, романтичен фудбал. Некогаш таа убава игра не беше и резултатски наградувана, но бевме задоволни барем што игравме добро и што се зборуваше за нас – вели Стојановски.

СО ТЕТЕКС НАЈИНТЕРЕСНИ ДУЕЛИ

Македонија во времето на активното играње на Ѓоко Стојановски имаше неколку силни второлигаши. Тука беа Победа, Пелистер, Брегалница, Беласица, Тиквеш, еден период и Вардар, кој беше испаднат од Првата лига и три сезони се мачеше да се врати во елитата, а и Тетекс, кој во фабриката имаше сигурен финансиер и со брзи чекори одеше напред.
– Мене, покрај онаа средба со Победа (6-2) за која говорев минатиот пат, посебно ми останаа во сеќавање мечевите со Тетекс. „Текстилците“ беа многу амбициозни и во своите редови, покрај тренерот Чолаковиќ, донесоа и неколку квалитетни играчи од југословенските простори, меѓу кои беа Јаковљевиќ, Кечан, Беквалац, а од домашните најекспониран беше Заковски. Сите тие, кога ќе се разиграа беа „цврст орев“ за секој противник. Но фактот што со нив можевме да се надигруваме нѐ мотивираше, па така дуелите со Тетекс, барем за мене, беа најинтересни. Тие беа и мечеви за уживање на гледачите. Навистина во нив, покрај борбената игра, беа манифестирани и сите убавини во фудбалската игра, а имаше и тактичко надмудрување. Затоа, не беше случајно што на сите тие средби имаше по неколку илјади гледачи – вели Ѓоко Стојановски.

Но како што тоа често бидува со спортистите што подолго време се на сцената и се заситуваат, а чувствуваат и умор, така и Ѓоко Стојановски кон крајот на 70-тите години почна да размислува за повлекување.
– Јас го одбрав најубавиот момент за прекинување на активното играње. Тоа беше на крајот од натпреварувачката 1979/80 година, кога го освоивме првото место во МФЛ и се вративме во Втората лига. Тогаш беше мојата разделба со Работнички, но не и со фудбалот, зашто моите амбиции беа да станам добар фудбалски судија – вели Стојановски.

СУДИЈА НА 494 НАТПРЕВАРИ

Откако заврши со активното играње, Стојановски се определи за судењето. Тој прво судеше во Општинската лига, и тоа во времето кога уште беше активен фудбалер од 1975 година. Потоа стигна до Републичката лига, за следните години да напредува и да суди во Втората и во Првата лига.
– Мечевите во МФЛ ги судев од 1980 до 1982 година. Во овие две години постојано бев високорангиран меѓу судиите што ја делеа правдата во Македонската лига, за следните четири години да бидам арбитер во Втората лига. Напредокот беше брз, но и тежок. За да можам да одам нагоре, морав постојано да тренирам и да ја одржувам формата. Но сите жртви на крајот се исплатија, веќе во 1986 година почнав да се појавувам како судија на натпреварите од Првата лига. Ова за мене беше нешто посебно, зашто практично ми беше отворена вратата со брзи чекори да одам уште погоре, кон меѓународната категорија судии. Стигнав и дотаму, па така судев на квалификацискиот меч на младите репрезентации на Италија и на Сан Марино, а бев определен од судиската организација на поранешна Југославија да судам и на Балканијадата во Турција. Овде, за жал, не можев да му судам на југословенскиот тим, кој играше во финалето во кое со 1-0, со голот на тогашниот вардаров младинец Горазд Михаилов, беше победена репрезентацијата на Турција. Јас, пак, во исто време го судев мечот за третото место – вели тој.

Ѓоко Стојановски и како судија беше популарен на поранешните југословенски простори. Тој, покрај многуте прволигашки средби, посебно се сеќава кога како главен судија ја делеше правдата на осминафиналниот натпревар за Купот на Југославија помеѓу Динамо и Партизан (0-1), одигран во 1989 година на стадионот „Максимир“ во Загреб. Истата година беше и во „тројката“ предводена од Бранко Буиќ од Бар на финалниот натпревар за југословенскиот Куп помеѓу Партизан и Вележ (6-1), во која покрај Стојановски помошник-судија беше и Матео Беусан од Дубровник. На македонската фудбалска сцена, по осамостојувањето на нашата држава, Стојановски го судеше финалниот натпревар во Купот во 1996 година помеѓу Вардар и Слога Југомагнат (без голови, а на пенали Слога Југомагнат го освои Купот).
Во богатата судиска кариера, Ѓоко Стојановски има арбитрирано на 494 натпревари, од кои на 295 бил главен судија. Кога на ова ќе се додадат и околу 500 одиграни првенствени и куп натпревари, станува јасно за каква фудбалска личност станува збор. Сега останува на неговите внуци Ѓорѓи (внук од синот) и Михаил (внук од ќерката) да продолжат по неговиот пат. Инаку, Ѓорѓи е во младинскиот погон на Работнички, а Михаил во екипата на Форца.