Голманот Даниел Субашиќ повторно е најзаслужен за победа на Хрватска во нокаут-фазата на Светското фудбалско првенство, откако неговите одбрани во пенал-серијата против домаќинот Русија, им обезбедија на „коцкестите“ пласман во полуфиналето. Хрватска славеше 4-3 на пенали, откако мечот заврши 2-2 по 120 минути игра.
Русија поведе преку Денис Черишев во 31-та минута, Андреј Крамариќ изедначи во 39-та минута, за Хрватска да направи пресврт преку Домагој Вида во 101-та минута од продолженијата, пред Мануел Фернандес да го постави конечниот резултат во 115-та минута.
Чуварот на мрежата на француски Монако, се пожали на повреда во самата завршница од регуларниот дел на средбата, но и покрај тоа бранеше одлично во продолженијата, а сопре и еден удар од белата точка, на Фјодор Смолов. Русите имаа две промашувања, но Мануел Фернандес биеше покрај голот.
Субашиќ стана вториот голман кој одбрани четири пенали на еден Мундијал (еден против Русија и три против Данска во осминафиналето), по славниот аргентински чувар на мрежата Серхио Гојкочеа, кој имаше таков ефект на СП 1990.
Хрватска на тековниот завршен турнир и Аргентина на СП 1990 се единствените две селекции што славеле во две пенал-серии на ист Мундијал. Аргентина со Диего Марадона и со Гојкочеа, ги елиминира СФР Југославија во четврт-финалето и домаќинот Италија во полуфиналето на СП 1990, преку подобро изведување на удари од 11 метри, пред да загуби од Германија во мечот за трофејот.
Хрватска ќе се сретне со Англија во полуфиналето в среда, додека Франција ќе игра против Белгија во првиот полуфинален дуел во вторник (двете средби се од 20 часот).