Нема ништо лошо во „старата школа“, понекогаш е вистинското училиште. Земете некои од тие искуства и користите ги оние што сметате дека ќе бидат од корист за вашиот тим. Отсекогаш сум велел дека мојата улога е да ги направам играчите подобри, не само како играчи туку и како луѓе, ако можам. Сакам да им помогнам на нивниот пат, вели Смит

ФУДБАЛ – ДИН СМИТ, МЕНАЏЕР НА АСТОН ВИЛА

Перцепциите за Дин Смит, менаџерот на Астон вила, се движат од оние за шеф од „старата школа“ до модерен мотиватор и тактичар што е инспириран од шахот. Делумно сите се точни.
– Играв шах со вујко ми, секој Божиќ и за празниците, кога тој доаѓаше во нашата куќа. Станав шампион во шах во училиштето и пошироко во Вест Мидлендс. Потоа продолжив да играм шах. Тоа веројатно ми даде повеќе тактички опции и во фудбалот – вели во интервјуто за „Скај спорт“ Смит, кому му се потребни уште шест натпревари за да стане шеф на Вила со најдолг стаж, по Мартин О’Нил.
Смит (49) како момче ги чистел седиштата на стадионот „Вила парк“, а играчката кариера како централен дефанзивец ја поминал главно во Третата лига во Волсал, Херефорд и Лејтон Ориент. Тој бил капитен на четири од петте клуба за кои играл. Потоа како тренер, работел со младите фудбалери во Волсал, па станал и менаџер, потоа во Брентфорд и сега во Вила. Смит ги има видено сите чуда на англиската фудбалска пирамида, но неговите идеи како тренер почнаа многу порано, додека тој уште беше играч во Лејтон Ориент.
Неговата филозофија беше кристално јасна отсекогаш. Топката на земја, тешка задача со оглед на возрасната група од 11 до 13 години, но, исто така, и значеше „покажете се“.

– Моите рани искуства беа на тоа како да импровизирам добро. Сакам играчите да имаат слобода и да им дадам опции за тоа што можат да сторат, но да бидат и одговори за нивната игра. Нема правилно или погрешно во начинот на игра. „Стара-школа?“ Се надевам не! Не чувствувам дека сум старомоден менаџер во која било смисла. Мислам дека не можеш и да бидеш, бидејќи играта се развива многу брзо. Секако нема ништо лошо ни во „старата школа“, понекогаш е вистинското училиште. Земете некои од тие искуства и искористете ги оние што сметате дека ќе бидат од корист за вашиот тим – вели Смит.
Тактички, Смит докажа дека е приспособлив, ги направи потребните измени што на крајот ѝ помогнаа на Вила да напредува. Процентот на победи во Премиер-лигата, по паузата поради ковид-19, е 40 проценти, во споредба со 25-те проценти претходно. Вила постигнува и повеќе голови, 1,34 по натпревар во споредба со 1,21 порано, но клучно е што примаат помалку голови, 1,09 по натпревар во споредба со претходните два. Но настрана од тактиката, фокусот на Смит е насочен и кон личните односи, недоволно ценет дел од менаџирањето гледано однадвор.
– Отсекогаш сум велел дека мојата улога е да ги направам играчите подобри, не само како играчи туку и како луѓе, ако можам. Сакам да им помогнам на нивниот пат. Отсекогаш верував дека ако им помагаш на поединците да се подобрат, природно дека тимот ќе се подобри. Тоа ми беше прво на ум. За да го направите тоа, треба да создадете добри односи со играчите со кои работите, затоа што мора да го извлечете најдоброто од нив – вели Смит.