Паоло Дибала

Во 2-то коло на ЛШ, Јувентус победи со хет-трикот на Дибала, а три гола постигна и Џеко во триумфот на Рома, со што влегоа во друштвото, во кое Меси е рекордер со осум хет-трика

Паоло Дибала и Един Џеко постигнаа по три гола на натпреварите Јувентус – Јанг бојс (3-0), односно Рома – Плзен (5-0) во второто коло од групната фаза натпревари во фудбалската Лига на шампионите (ЛШ). Сезонава, во 1-то коло, три гола постигна и Лионел Меси на мечот Барселона – ПСВ (4-0).

Со овие два хет-трика, вкупно 117 во историјата на ЛШ, Дибала и Џеко (прв за Рома во ЛШ во клупската историја) влегоа во друштвото во кое Меси е рекордер со осум хет-трика во ЛШ за Барселона, пред Кристијано Роналдо со седум, сите настапувајќи за Реал (сега е во Јувентус). По три хет-трика постигнаа Филипо Инѕаги (два за Јувентус и еден за Милан), Марио Гомез (Баерн) и Луиз Адријано (Шахтар). Дибала е четвртиот фудбалер на Јувентус што постигнува хет-трик во ЛШ, по Инзаги (два), Алесандро Дел Пјеро и Артуро Видал.

За Јувентус ова беше деветти триумф по ред сезонава во сите натпреварувања (седум победи во Серија А и две во ЛШ), што е најдобар ефект за „старата дама“ по сезоната 1930/1931. Јувентус имаше идентичен ефект, девет победи по ред и на почетокот од сезоната 2005/2006, но поради скандалот со местењето натпревари не му беше признаена освоената титула и беше префрлен во понизок ранг, во Серија Б. Јуве ја продолжи успешната серија во ЛШ, во која е без пораз на последните 19 меча во групната фаза (11 победи и осум ремија).

Во натпреварите од групната фаза досега (пред синоќешните натпревари) биле постигнати 95 хет-трика, во осминафиналето 12 , во четврт-финалето шест, во полуфиналето четири и ниту еден во финалните дуели. Најмногу хет-трика (девет) „паднале“ во сезоната 2016/2017, а по еден помалку, осум, во три наврати, во 2002/2003, 2004/2005 и во 2013/2014. 


Реал и Акинфеев прекинаа гол-серии

Бранителот на титулата, Реал, претрпе изненадувачки пораз, на гости во Москва, од ЦСКА, 0-1, во 2-то коло на фудбалската Лига на шампионите. Тренерот на Реал, Хулен Лопотеги, направи некои измени, во тимот го немаше центархалфот Серхио Рамос, кој доби поштеда, како и повредените Гарет Бејл, Марсело и Иско, а Лука Модриќ беше на клупата за резервни играчи што се покажа како погубно. Игор Акинфеев (32), голманот на ЦСКА по 11 години и 43 меча во ЛШ дочека да не прими гол, а потоа во финишот, на две минути до крајот, за неколку секунди доби два жолти картона и првпат на 57-от меч во ЛШ беше исклучен. „Кралевите“, кои рано го примија голот по грешката на Тони Крос, потоа доминираа, имаа посед на топката од 69 отсто, упатија 26 удари кон голот на Акинфеев, но немаа среќа и, наместо во мрежата, топката трипати заврши во пречката и во дирекот по ударите на Карим Бензема, Каземиро и на Маријано. Реал првпат и по 29 меча во низа, од април 2016-та и дуелот со Манчестер сити, не постигна гол во ЛШ. Л.Д.