Минатиот викенд заврши уривањето на стадионот „Висенте Калдерон“, кој 51 година му беше дом на шпанскиот фудбалски клуб Атлетико Мадрид, од 1966 до 2017-та. Градоначалникот на Мадрид и верен навивач на Атлетико, Хозе Луис Мартинез-Алмеида, ги сподели своите емоции на Твитер за иконскиот стадион.
– Колку пати страдав, плачев и се смеев тука, понекогаш на ист натпревар. Постојат работи што ја надминуваат вредноста на фудбалот. Калдерон секогаш ќе биде поврзан со меморијата и со срцето на Мадрид – напиша тој на Твитер.
Трошоците за уривање на стадионот, кој беше со капацитет од 54.907 места, изнесуваа десетици милиони евра. На таа локација сега ќе бидат изградени згради, парк и други објекти за локалното население.