Понеделник (втор од десно)

Тој беше стрелец на победоносниот гол за СССР во финалето на првото Европско првенство, одржано во 1960 година во Париз, на мечот со СФР Југославија (2-1), финале што поради продолженијата почна во еден ден, а заврши во друг

Во 1960 година во Франција се одржа првото Европско првенство во фудбал, тогаш под името Куп на европските нации, две години од почетокот на прелиминарните натпревари според нокаут-систем во кои учествуваа 17 национални репрезентации (едвај беше задоволена минималната бројка од 16 репрезентации), но без учество на Италија, Германија, Англија. Првиот историски натпревар во квалификациите беше одигран на централниот стадион „Ленин“ во Москва помеѓу СССР и Унгарија (3-1, подоцна заедно со реваншот вкупниот резултат беше 4-1) пред 100.572 гледачи. Стрелец на првиот гол беше Анатолиј Илин.

На ЕП 1960 настапија четири селекции, СССР, СФР Југославија, Чехословачка и домаќинот Франција. Прв европски првак стана СССР, кој во финалето, на стадионот „Парк на принцовите“ во Париз, ја совлада СФР Југославија со 2-1 (по продолженија од двапати по 15 минути). На голот на СФР Југославија беше Македонецот Благоја Видиниќ.
Виктор Понеделник (23) го постигна победоносниот гол за Советите во 113-та минута.

Европското фудбалско првенство годинава во 12 земји е јубилејно, на 60-годишнината од првото, одржано во 1960 година. До почетокот на 16-от шампионат, „Нова Македонија“ периодично ќе објавува приказни за минатите првенства на Стариот Континент, за неговата еволуција, за поединците и за репрезентациите што го обележија ова натпреварување

– Финалниот меч почна во недела, во 22 часот по московско време, а поради продолженијата заврши по полноќ, практично во понеделник. Моето презиме беше како измислено за насловите во весниците – изјави подоцна Понеделник.
Тој се родил во 1937 година и пред почетокот на Втората светска војна неговото семејство го фатило последниот воз за бегство од Ростов, без да понесе ништо со себе. Остатокот од војната Понеделник го поминал во Тбилиси, пред да се врати дома.

Понеделник беше еден од само тројцата играчи, со Нето и Јашин, кои настапија за СССР на следното европско првенство во 1964 година и загубија во финалето од Шпанија. По две години, тој се пензионира, откако не успеа да закрепне од операцијата на слепото црево, на 29-годишна возраст. Потоа ги следеше стапките на татко си и стана почитуван новинар и автор.
Покрај стрелецот на победоносниот гол, јунак на финалниот, па и на полуфиналниот меч против Чехословачка (3-0) беше голманот Лав Јашин, секогаш облечен во црно, кој бранеше одлично и беше избран во најдобриот состав на првенството.


Од идеја до реализација, ЕП се „крчкаше“ 33 години

Идејата за организација на фудбалско европско првенство (ЕП) на репрезентации беше на генералниот секретар на Фудбалската федерација на Франција (ФФФ) и прв генерален секретар на Европската фудбалска унија (УЕФА), Анри Делонеј, уште од 1927 година. Но требаше да минат три децении таа да почне да се реализира, на Конгресот на УЕФА во 1957-та, две години по неговата смрт. Во чест на Делонеј, трофејот што му се доделува на европскиот шампион го носи неговото име.