Светското првенство (СП) во фудбал за жени би можело да се игра на секои две, наместо четири години, размислуваат во Светската фудбалска асоцијација (ФИФА), како дел од напорите за што поголема популаризација на женскиот фудбал.
На крајот од јули, ФИФА објави дека СП за жени во 2023 година ќе го прошири и на него, наместо 24, ќе настапат 32 репрезентации. За домаќинот на тоа СП допрва ќе се решава, во јуни 2020 година, а во „игра“ останаа четирите понуди што ФИФА ќе ги разгледува, на Бразил, Јапонија, Колумбија и заедничката на Австралија и Нов Зеланд.
Покрај тоа, во ФИФА размислуваат и за зголемување на наградите, бидејќи разликата е голема. Репрезентациите (машки) што настапија на СП 2018 во Русија поделија 400 милиони долари, а женските на СП 2019 во Франција само 30 милиони долари!
Репрезентативките на САД, актуелните светски првенки, водат судски спор со матичната фудбалска асоцијација за еднакви плати и за подобар третман. Расправата за тоа пред надлежниот суд е закажана за 2020 година, пред Летните олимписки игри (ЛОИ) во Токио. Австралијките веќе постигнаа договор со нивната федерација за еднакви плати со мажите. Финска објави дека од годинава ќе ги изедначи платите на жените и мажите фудбалери, придружувајќи им се на Холандија и на Норвешка.